nsrekit Фондацијата Метаморфозис организираше трибина на тема „Зголемување на пенетрација на широкопојасен интернет во Македонија“. Трибината се одржа во просториите на Стопанската комора на Македонија во Скопје на 27 февруари 2007 г.

Целта на трибината беше да ги адресира предизвиците и можностите за зголемување на широкопојасниот пристап на интернет со цел да се подобри квалитетот на текстот за широкопојасниот пристап на интернет во рамките на Националната стратегија за развој на електронски комуникации и информатички технологии којашто се подготвува од страна на работна група во рамките на Министерството за транспорт и врски на Република Македонија.

На трибината учествуваа претставници на интернет-провајдерите, кабелски оператори, академската заедница, граѓанскиот сектор, медиумите. Организацијата на трибината беше помогнатa од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Проектот за техничка помош на телекомуникацискиот сектор.

Од трибината произлегоа следните заклучоци:

1. Треба да се подобрат статистичките податоци во текстот на документот за широкопојасниот интернет во рамките на НСРЕКИТ (нови, според Еуростат, дефинирање на индикаторите);

2.    Беше разгледан концептот на можна државна интервенција на повеќе нивоа:

  •  
    •  
      • Спротивставени погледи околу потребата и опфатот за државна интервенција
  • Потребна интервенција за МАРНет да прерасне во национална истражувачка образовна мрежа која со голема пропусност ќе ги поврзе сите универзитети низ целата држава
  • Потреба за рурален развој, особено имајќи ја во предвид одржливоста на МККонектс

3.    Беше адресирано прашањето за можноста за вклучување на интернет пристапот како дел од пакетот на универзалната услуга, со забелешка дека ова прашање е моментално тема на дебата и низ ЕУ;

4.    Потребна е поголема терминолошка усогласеност на ИКТ стратешки документи;

5.    Неопходно е побрзо донесување на регулативите за големопродажба на широкопојасен интернет на повеќе нивоа (особено ИП битстрим пристапот како поттик за конкуренција во ДСЛ пазарот) ;

6.    Неопходна е поголема информираност на граѓаните и кампањи за подигнување на свеста како и масовни ИКТ обуки;

7.    Следењето на ИКТ индикаторите треба да биде редовно, од страна на институцијата задолжена за тоа, а развојот и реализацијата на проектите треба да биде следен од страна на националниот совет за развој на информатичкото општество, кој исто така ќе има влијание врз квалитетот и опсегот на индикаторите и мерењата за ИКТ;

8.    Неопходно е формирање на фонд за развој и истражување на ИКТ, имајќи ги во предвид фактите дека услугите и додадената вредност на производите носат многу поголем прилив и инвестиции отколку аутсорсингот. Фондот е потребно да има повеќе компоненти помеѓу кои:

  • Финансирање на домашни истражувачки проекти и центри
  • Заеднички фонд за дофинансирање на проекти потпомогнати од странски институции, особено ЕУ програмите.
  • Поддршка на академската мрежа

9.    Изнајмувањето на услуги (линкови, интернет пристап) од страна на владата, банките треба да биде поразновидно, со што ќе се зголеми конкуренцијата и ќе се развијат независни мрежи;

10.     е-Содржината, е-услугите и ИКТ знаењата се подеднакво битни колку што е битен пристапот до мрежата и е потребно да се посвети особено внимание на нив во идната стратегија за широкопојасен интернет;

11.     Потребно е да се додаде текст за важноста на радиофреквенцискиот спектар за развојот на широкопојасниот интернет особено за руралните средини (освен посебното поглавје посветено на него во НСЕКИТ).

Сподели: