Законот за заштита на личните податоци ги утврдува правата на граѓаните при обработка на нивните лични податоци во различни, секојдневни ситуации. Со цел да ги разбереме нашите права во однос на заштитата на нашите лични податоци, најпрво треба да разбереме што претставуваат лични податоци, односно што се смета за лични податоци. Во овој текст, ќе образложиме кои податоци се сметаат за лични податоци и во кои ситуации тие спаѓаат во опфатот на Законот за заштита на личните податоци.

Законот за заштита на личните податоци ги дефинира личните податоци како секоја информација што се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице што може да се идентификува. Физичко лице што може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на идентификатор. Со други зборови, за лични податоци се сметаат сите и секоја информација преку која може да се утврди идентитетот на конкретно физичко лице. Во овој случај, физичкото лице се нарекува субјект на личните податоци. На пример, описот „синот на докторот“ не се смета за личен податок затоа што тој може да се однесува на повеќе лица. Од друга страна, доколку во овој опис се додаде личното име и презиме или домашната адреса на „синот на докторот“, описот ќе се смета за личен податок затоа што преку тој збир информации може да се утврди идентитетот на физичкото лице.

Image by Mohamed Hassan from Pixabay

Понатаму, кога станува збор за идентификатори, Законот за заштита на личните податоци дава отворен список на податоци преку кои може да се идентификуваат физичките лица, односно кои би се сметале за лични податоци. Така, Законот ги наведува: име и презиме; матичен број на граѓанинот; податоци за локација; идентификатор преку интернет; како и едно или повеќе обележја специфични за физичкиот, физиолошкиот, генетскиот, менталниот, економскиот, културниот или социјалниот идентитет на физичкото лице. Списокот е отворен затоа што и други информации на граѓанинот може да се сметаат за лични податоци, во зависност од ситуацијата. На пример, бројот на трансакциска сметка или бројот на дебитната/кредитната картичка може да се смета за личен податок во финансиските услуги, затоа што тоа се уникатни информации со кои може да се идентификува нивниот корисник.

Истовремено, Законот за заштита на личните податоци предвидува и псевдонимизација на личните податоци. Псевдонимизација е обработка на личните податоци на таков начин што личните податоци не можат повеќе да се поврзат со одреден субјект на лични податоци (физичко лице) без да се користат дополнителни информации, под услов таквите информации да се чуваат одделно и да подложат на технички и организациски мерки со кои ќе се обезбеди дека личните податоци не се поврзани со идентификувано физичко лице или физичко лице што може да се идентификува. Во овој случај, псевдонимизираните податоци повеќе не се сметаат за лични податоци затоа што не можат да се поврзат и да идентификуваат конкретно физичко лице. На пример, доколку на студенти на одреден факултет им се додели број на индекс, при што пристапот до системот за доделување број на индекс ќе биде ограничен, бројот на индекс нема да се смета за личен податок. Од друга страна, доколку бројот на индекс е дополнет со име и презиме на студентот, негова слика или матичен број, тој ќе се смета за личен податок затоа што студентот ќе може да се идентификува преку него.

Во Законот за заштита на личните податоци се утврдени и посебни категории лични податоци во кои спаѓаат информации што откриваат расно или етничко потекло, политички ставови, верски или филозофски убедувања или членство во синдикални организации, како и генетски податоци, биометриски податоци, податоци што се однесуваат на здравјето или податоци за сексуалниот живот или за сексуалната ориентација на физичкото лице. Обработката на овие лични податоци е забранета освен во одредени случаи утврдени во Законот за заштита на личните податоци.

Обработката на личните податоци поврзани со казнени осуди и казнени дела е исто така забранета, освен во случаи кога обработката се врши под контрола на надлежен орган на државната власт или кога обработката е дозволена со закон во кој се утврдени соодветни мерки за заштита на субјектите на личните податоци (физичките лица).

За да ги разбереме целосно правата што произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци при обработка на нашите лични податоци, најпрво треба да осознаеме кои податоци се сметаат за лични податоци. Во основа, лични податоци се сите информации или збирки информации преку кои едно физичко лице може да се идентификува, односно да се „оддели“ од други физички лица – субјекти на лични податоци.

Автор: М-р Никола Димитров

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.

Сподели: