obukaooo174 вработени од 22 општини во Македонија беа обучени за работа со канцеларискиот пакет Опен Офис преку обуката што ја подготвија Фондацијата Метаморфозис и Проектот за успешна децентрализација на УСАИД. Обуката се одржа во хотелот „Ривиера“ во Охрид, во периодот од 15 до 20 јануари 2007 година.

Карактеристично за учесниците беше тоа што тие беа од претежно мали општини, без вработено стручно лице надлежно за информатички технологии (системски администратор). Учесниците кои присуствуваа на обуката се вработени во одделенијата за даноци, финансии, одделението за локален економски развој како и советници во општината.

20070124-opshtini-za-web

Со обуката беа опфатени претставници на општините (означени со светло сино): Арачиново, Берово, Боговиње, Валандово, Виница, Дојран, Желино, Карбинци, Кратово, Крушево, Липково, Маврово и Ростуше, Македонска Каменица, Могила, Новаци, Ново Село, Пласница, Сарај, Сопиште, Студеничани, Теарце и Центар Жупа.

Обуката траеше вкупно шест последователни дена, а учесниците беа групирани во три групи, од кои првите две следеа настава на македонски јазик, а последната група беше составена од учесници кои ја следеше обуката на албански јазик. Секоја група помина дводневна обука.

Обуката ја водеа сертифицираните Xpert обучувачи на Фондацијата Метаморфозис, Николче Мицкоски и Јорданка Петрушевска на македонски јазик и професорите по информатика Бурим Бафтијари и Арбен Мурати на албански јазик.

obukaooo2Наставните содржини кои беа опфатени се однесуваа на апликациите Writer (апликација за обработка на текст) и Calc (апликација за табеларни пресметки). Секој од учесниците на обуката доби ЦД „Заврши си работа“ и книга „Упатство за употреба на Опен Офис.орг“.

Со оглед на тоа што истражувањето кое го спроведе Метаморфозис во мај 2006 година покажа дека голем дел од општините во Македонија користат пиратски софтвер, во текот на обуката беше објаснета важноста на користење на слободен софтвер како легална алтернатива, како и компатибилноста на канцеларискиот пакет ОпенОфис.орг со најчесто користениот Мајкрософт Офис.

Дел од учесниците беа со основни познавања на компјутерски вештини, но тоа не им преставуваше пречка успешно да ги совладаат наставните теми кои беа опфатени. Иако голем дел од овие општини сè уште не го користат интернет како средство за комуникација со граѓаните, сите учесници изразија мислење дека новите технологии многу придонесуваат во подобрувањето на ефикасноста на нивната општина.

Сподели: