Отвореноста на единиците на локалната самоуправа претставува клучен услов за демократија, која им овозможува на граѓаните да бидат информирани, што е неопходен предуслов за еднакво учество во политичкиот живот, ефективно донесување одлуки и барање одговорност од институциите за политиките што ги спроведуваат.

Во оваа насока, до сега 31 единици на локалната самоуправа во земјата ја поддржаа Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа во Северна Македонија со која се обврзаа да ги следат и почитуваат начелата и принципите на отвореност и да преземаат активности за континуирано подобрување на своите политики за транспарентност и вклученост на граѓаните во процесите на донесување одлуки.

Со потпишувањето на Декларацијата се обврзаа дека ќе вложат дополнителни напори да бидат поотворени кон граѓаните, транспарентноста да ја темелат на отворени податоци и информации, да воспостават јасни процедури за партиципативно одлучување, како и јасни процедури за добивање на јавните услуги, отчетно да објаснуваат за што ги искористиле јавните пари кои им биле на располагање и на кој начин го подобриле животот на сите граѓани и заедниците во нивна надлежност.

До сега следниве општини се потписници на Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа во Северна Македонија: Аеродром, Битола, Боговиње, Брвеница, Бутел, Велес, Вевчани, Врапчиште, Гази Баба, Демир Хисар, Ѓорче Петров, Желино, Центар Жупа, Илинден, Кавадарци, Карпош, Кратово, Крушево, Куманово, Крива Паланка, Лозово, Македонски Брод, Маврово и Ростуше, Охрид, Радовиш, Град Скопје, Теарце, Тетово, Зелениково, Зрновци и Штип.

Фондацијата Метаморфозис, во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, ќе продолжи да им обезбедува поддршка на општините во нивните напори за подобрување на транспарентноста и отвореноста, но исто така, ќе продолжи и да го следи степенот до кој општините ги почитуваат принципите на отвореност и демократско управување.

Сподели: