Дел од тимот на Метаморфозис, присуствуваше на Ерасмус + Програма за мобилност на тема „Градење онлајн програма за образование“ кој се одржува од 30 мај до 3 јуни во Виена. Обуката ја организираше Techsoup Europe, а домаќин организација на настанот беше Fundraising Verband Austria (FVA).

Целите на тридневната обука беа подобрување на знаењата на учесниците/обучувачи како едукатори и обучувачи за возрасни околу онлајн и иновативни алатки и пристапи за учење, подобро разбирање на новите онлајн образование алатки како и основните принципи на дизајнирање на онлајн обуките вклучително и креирање на содржини за онлајн учење како и можност за подобрување на методите за учење и образовните содржини што им се нудат на граѓанските организации.

На првиот ден на обуката учесниците ги споделија своите искуства и знаења во делот на онлајн едукацијата и како слушатели и како тренери/обучувачи. Беа споделени добри практики и примери од онлајн едукацијата, како и пречки и проблеми со кои се соочиле како резултат на користење на различни технологии кои се користат како канали за споредување на обуката. Исто така се разговараше за новите трендови на онлајн образованието и кои елементи од виртуелната реалност, М – учењето и гејмификација ќе се користат како алатки за подобрување на онлајн образованието.

На вториот и третиот ден учесниците беа запознаени со методологии и алатки, како подобро да ги структурираат своите обуки и вебинари се со цел сесиите да бидат поинтересни за слушателите и како учесниците да можат да извлечат што е можно поголемо знаење од обуките.

Подолу може да прочитате впечатоци од учениците на Ерасмус + Програма за мобилност во Виена

„Програмата Еразмус плус е сеопфатна програма која нуди шанса на милиони луѓе од различно потекло да стекнат вештини и искуство, да ги прошират своите гледишта и, меѓу другото, да волонтираат во странство. Оваа програма на Европската унија поттикнува соработка, меѓукултурна размена и градење капацитети кои потоа корисниците ги рефлектираат во нивниот секојдневен и работен живот, проширувајќи го влијанието на повеќе нивоа.

Оваа обука ни понуди нови сознанија за многуте димензии на онлајн образованието што ќе можеме да ги пренесеме во нашата работна средина со цел да обезбедиме подобро искуство за учење за нашите учесници на обуките“ изјави Мила Јосифовска Даниловска – Менаџер на програми во Фондација Метаморфозис

„На обуката имавме можност да слушнеме искуства од различни земји и организации, но и да увидиме дека предизвиците со кои се соочуваат организациите кога станува збор за онлајн образованието, се исти или слични секаде. Обуката ми помогна да научам многу повеќе за онлајн образованието, почнувајќи од градењето стратегија, актуелните трендови и различните формати и пристапи и да разберам како истото може да биде креирано ефективно и привлечно за публиката. Средината на е-учењето постојано се менува и развива, особено по Ковид пандемијата, па наученото за иновативните алатки и пристапи ќе биде имплементирано во понатамошната работа со младата публика.“ изјави Гоше Николов, новинар-соработник во Новинска агенција „Мета.мк“ еден од учесниците на Ерасмус + Програма за мобилност.

“Доста корисна обука, имав можност да научам нови методологии и правила како да структурирам обука која ќе биде интересна за слушателите/учесниците, но и обука од која ќе може да се извлече максимум како знаење. Посебно корисни ги сметам виртуелни алатки кои имав можност да видам како функционираат и колку е важна нивната примена во онлајн едукацијата, истакна Виолета Јончевска – Маркетинг специјалист во Фондација Метаморфозис.

На обуката присуствуваа претставници на граѓански организации од Португалија, Италија, Бугарија, Чешка, Полска и Австрија.

Сподели: