Дел од тимот на Фондација Метаморфозис, присуствуваше на Еразмус+Програма за мобилност на тема „Дигитални комуникациски и маркетинг вештини за граѓанскиот сектор“ која се одржа од 13 до 15 септември во Будимпешта, Унгарија. Обуката ја организираше Techsoup Europe, а домаќин организација на настанот беше (NIOK) Foundation.
За време на тридневната обука, учесниците имаа прилика да научат како се креира успешна маркетинг стратегија (концепт и алатки), посебно се даде акцент на мапирање на целните групи и детална анализа на нивниот профил (навики при пребарување на информации, лични интереси, возраст, средина и слично), со цел што е можно поефикасно откривање на нивните очекувања и барања во правец на крерање на квалитетна маркетинг стратегија која ќе допре до специфичните целни групи. За време на обуката посебно се обрна внимание на како поефикасно да се промовираат понудите и пакетите на Techsoup Europe, со цел да се допре до граѓански организации кои не се запознаени со понудите на Techsoup Europe, да се привлече нивното внимание и за крај да станат потецијани корисници на истите.
„Домаќините – Фондацијата НИОК подготвија одлична обука исполнета со дискусии, можност за споделување искуства, учење нови вештини и практики, како и развивање на маркетинг стратегија во рамки на TechSoup мрежата прилагодена за секоја организација посебно. Беше навистина интересно, а би рекла и потребно, да се дознаат начините, алатките и вештините кои ги употребуваат и владеат колегите од останатите држави, а кои можат да се применат и во работата на домашните организации. Будимпешта, пак не „почести“ со сонце, прекрасна архитектура и одлична храна„ изјави Христина Мирчевска – раководител на проект и една од учениците на обуката.
Тридневната обука им овозможи на учесниците да ги споделат своите искуства и добри практики (маркетинг стратегии и алатки) кои ги користат во секојневното работење.
„Обуката беше доста корисна, со оглед на тоа што главно се зборуваше за маркетинг концепти, а помалку за маркетинг алатки, изобилуваше со практични вежби како што се: креиање на годишна маркетинг стратегија, мапираше на целните групи и слично. Посебно ми беше значајно да слушнам со какви маркетинг стратегии и тактики се служат колегите од граѓанските организации од другите земји со оглед на тоа што доаѓаа од земји кои се поразвиени од Македонија“ истакна Виолета Јончевска – Маркетинг специјалист во Фондација Метаморфозис.
„Навистина беше значајно да се погледне како една глобална организација како Techsoup се грижи за своите корисници и како ја користи дигиталната технологија, односно дигиталниот маркетинг за да допре до што е можно повеќе претставници на граѓанскиот сектор во Европа и ширум светот. Ретки се случаите кога домашни невладини организации во Северна Македонија подготвуваат маркетинг стратегија која им е корисна во секојдневната работа “рече Горан Ризаов – Раководител на програмата Медиуми за демократија и учесник на обуката.
На обуката присуствуваа претставници на граѓански организации од Унгарија, Португалија, Чешка, Полска и Австрија.
Сподели: