Проектот на Фондацијата „Метаморфозис“ „Дизинфо радар“, иновативна регионална иницијатива за справување со дезинформациите како сајбер закана за мирот, демократијата и европските вредности е избрана меѓу 10 глобални проекти опфатени со Програмата за зголемување на опсегот (SCUP) на Форумот за мир во Париз за 2025-2026 година.

Признанието беше објавено во текот на осмото издание на Форумот, кој годинава работеше на приоритетната тема „Нови коалиции за мир, луѓето и планетата“. Тоа ја истакнува важната улога на „Метаморфозис“ во градењето отпорност на штетните ефекти на дезинформациите и други информациски закани како основа за соочување со глобалните предизвици при градењето мир, демократија и просперитет.

Иницијативата на „Метаморфозис“ е еден од десетте наградени со учество Програмата за зголемување на опсегот (Scale-Up Program (SCUP), претходно избрана како еден од 30 финалисти претставени на настанот, во конкуренција од 328 апликации од 80 земји на повикот за решенија (Call for Solutions).

Форумот за мир во Париз 2025 Paris Peace Forum се оддржа во Палатата де Шале на 29 и 30 октомври 2025 година, собирајќи лидери на влади, меѓународни организации, граѓанското општество, академската заедница, како од Глобалниот Север така и од Глобалниот Југ, со цел да се дебатира за решенија за најзначајните предизвици на денешницата.

 

„Дезинфо радар“ е систем за рано предупредување (pre-bunk) што предвидува чувствителни моменти што можат да поттикнат штетни наративи кои предизвикуваат етнички тензии и поларизација во општеството, а потоа ги споделува со медиумите, граѓанското општество, едукаторите и институциите преку применливи анализи и кратки говорни поенти, а со цел информирање на јавноста пред да се рашират содржините со манипулативни информации. Решението ја комбинира човечката експертиза со анализа и мониторинг потпомогнат од АИ, кој се темели на регионална база на наративи и актери објавувани во месечен бриф „Desinfo Radar: Watch and Warn“.

„Дезинфо радар“ произлезе од работата на регионалниот проект Центар против дезинформации за Западен Балкан (Facebook, X.com) поддржан од Кралството Холандија.

Презентација во рамки на Просторот за решенија

Форумот за мир во Париз траеше два дена и пречека над 4000 учесници, меѓу кои и 15 шефови на држави и влади, како и низа инспиративни гласови од целиот свет. На 29 октомври во рамки на Просторот за решенија, Фондацијата „Метаморфозис“ беше посетенa од страна на претседателката Гордана Силјановска-Давкова заедно со амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Франција Игор Николов.

Во текот на посетата на генералниот секретар на ИНТЕРПОЛ, Валдеси Уркиза, тој посочи дека проблемот со дезинформации e растечки проблем на сите држави што се членки на ИНТЕРПОЛ, попречувајќи ја работата на полициските служби и другите институции за спроведување на законите, што е ја прави работата на фондацијата уште порелевантна во дигиталната сфера.

Францускиот министер за Европа и надворешни работи Бенџамин Адад во текот на неговата посета го истакна значењето на борбата против дезинформации за регионот на Западен Балкан и текот на евроинтегративните процеси. Министерот укажа дека работата на „Метаморфозис“ и другите граѓански организации кои градат отпорност кон дезинформации е исклучително важна, бидејќи целта на дезинформациските наративи е да се поткопа развојот на демократијата и европската интеграција на земјите од регионот. Тој ја искажа посветеноста на Франција и Европската Унија на интеграцијата на регионот на Западен Балкан, која се одразува и преку тековните активности на Берлинскиот Процес.

Вкличување во Програмата за зголемување на опсегот (SCUP)

Претставувањето на Форумот за мир во Париз 2025 потврдува регионалното влијание на Фондацијата и отвора нови можности за соработка со глобални партнери и менторство преку Програмата за зголемување на опсегот (SCUP).

„Воодушевени сме што нашата иницијатива беше одбрана за Програмата за зголемување на опсегот на Форумот за мир во Париз,“ изјави извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“ Бардил Јашари. „Оваа селекција претставува силно меѓународно признание за долгорочното лидерство на Метаморфозис во справувањето со дезинформациите на Западен Балкан. Ова е во целосна согласност со нашата визија за општество во кое ангажираните и свесни граѓани активно се служат со иновативни алатки за остварување на своите граѓански права и одговорности, како и сеопфатниот пристап за цело општество за градење отпорност. Се радуваме на претстојната заедничка работа со заедницата на Форумот за зголемување на нашиот опфат и позитивно влијание“.

Програмата SCUP е основана во 2018 година со цел да се подигне влијанието на иницијативите претставени на Форумот за мир во Париз. Таа на избраните проекти им нуди едногодишна програма на подддршка од Секретаријатот. Преку неа „Дизинфо радар“ ќе добие поддршка од докажани стручњаци од индустријата и меѓународните тела да го зголеми влијанието, да ги зајакне партнерствата и да ја унапреди својата мисија.

На сесијата на форумот посветена на претставување на десетте избрани проекти, специјалистката за стратешки комуникации Светлана Силјановска нагласи дека „ова го правиме бидејќи дезинформациите се длабоко вкоренети како главна закана за демократијата и мирот во денешната дигитална ера. Таа посочи дека работата на проектот се потпира на акумулираното знаење на мрежа на проверувачи на факти и други чинители од целиот регион. Комбинирањето на човечката и вештачката интелигенција за предвидување, предупредување и разоткривање однапред (pre-bunking) служи за спречување и обесхрабрување на креаторите на дезинформации, како и обезбедување „доволно време на демократските актери да реагираат и да се справат со дезинформациите“.

Сподели: