На покана на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Мила Јосифовска Даниловска, програмска менаџерка во Фондација „Метаморфозис“ беше говорничка на тркалезната маса на тема: „Дигитализација на јавна администрација во контекст на Европската интеграција – предности и предизвици” која се одржа на 6 март, 2025 година во Скопје.
Заедно со Станислав Василковски од Министерството за дигитална трансформација и Валентин Фетаџокоски од Агенцијата за заштита на лични податоци, Јосифовска Даниловска даде осврт на состојбата со дигитализацијата на јавната администрација во Република Северна Македонија, од аспект на граѓанскиот сектор и државните институции.
Извор: Хелсиншки комитет за човекови права
Клучни предизвици во дигиталната трансформација
Во своето излагање, Јосифовска Даниловска потенцираше дека дигитализацијата не треба да се гледа само како дел од евроинтегративниот процес, туку како суштинска реформа што ќе донесе подобрување на јавните услуги и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните. Таа истакна дека новиот План за раст на ЕУ поставува конкретни обврски и рокови во областа на дигитализација кои државата мора да ги исполни за да обезбеди континуиран напредок.
Јосифовска Даниловска посочи дека сајбер безбедноста е еден од најголемите предизвици кој меѓудругото бара усогласување на законодавството со NIS2 Директивата, и формирање и операционализирање на национални и владини CERT во согласност со ЕУ стандарди, со цел овозможување на високо ниво на сајбер безбедност за сеопфатна заштита и понатамошен развој на општеството.
Покрај тоа, таа нагласи дека е неопходно усогласувањето со Регулативата за дигитален идентитет на ЕУ и eIDAS2, како и спроведувањето на единствен систем за управување со документи во сите државни институции. Јосифовска Даниловска додаде дека без интероперабилност, дигитална писменост и функционални е-услуги, дигиталната трансформација нема да даде вистински резултати. Особен акцент стави на важноста за потребата од Паричник за дигитален идентитет усогласен со ЕУ стандардите и потребите на граѓаните, со цел сигурен, брз и унифициран пристап до јавни и приватни е-услуги, олеснување на прекуграничното признавање на дигиталните документи и зголемување на довербата, безбедноста и ефикасноста во дигиталните трансакции на граѓаните.
Извор: Хелсиншки комитет за човекови права
Дигитална писменост и отворени податоци – клучни фактори за успешна дигитализација
Јосифовска Даниловска нагласи дека дигиталната писменост е еден од предусловите за успешна дигитална трансформација. Без дигитално писмени граѓани и јавна администрација, дигитализацијата нема да даде ефективни резултати. Таа истакна дека е потребен стратешки пристап кон дигиталното описменување, преку формално и неформално образование, прилагодени едукативни активности и масовни кампањи за подигање на свеста, со цел граѓаните да ги разберат и искористат придобивките од дигитализацијата.
Поврзано со воведување на решенија базирани на вештачка интелигенција во испорака на јавните услуги, Метаморфозис спроведе истражување за влијанието на вештачката интелигенција врз човековите права, анализирајќи европски и меѓународни регулативи и етички стандарди. Јосифовска Даниловска нагласи дека, пред примена на вештачка интелигенција во јавниот сектор, неопходно е да се воспостават јасни стратегии и политики што ќе осигурат дека технологијата нема негативно влијание врз човековите права, особено при автоматското донесување на одлуки. Таа исто така додаде за важноста за усогласување со Законот за вештачка интелигенција на ЕУ, усвојување на етички стандарди за креирање и употреба на вештачката интелигенција, како и потпишување и ратификување на Рамковната конвенција на Советот на Европа за ВИ и човекови права, демократија и владеење на правото.
Дополнително, таа ја истакна важноста на отворените податоци за успешна дигитална трансформација. Отворените податоци не се значајни само заради транспарентноста, туку и затоа што системите базирани на вештачка интелигенција се подобруваат само ако имаат пристап до релевантни информации и податоци. Во таа насока, таа потенцираше дека е неопходно усвојување и спроведување на Закон за отворени податоци и повторна употреба на податоците во јавниот сектор усогласен со ЕУ Директива за отворени податоци (2019/1024/ЕУ).
„Сите овие процеси директно ги засегаат граѓаните. Затоа, сметаме дека институциите треба да бидат отворени за соработка со граѓанскиот сектор, кој нуди експертиза за поддршка на реформите и пристап до различни категории граѓани – уште од фазата на осмислување на политики и решенија, па сè до нивната примена и евалуација. Само така можеме да изградиме дигитално зајакнат екосистем што вистински ќе им служи на граѓаните.“ – заклучи Јосифовска Даниловска.
Сподели: