Технологијата треба да се искористи да им се олесни животот на граѓаните, да се намалат бариерите и да се обезбеди полесен пристап до услугите. За тоа треба да се обезбедат потребни услови и да се развијат соодветни алатки, но тоа да се направи подеднакво за сите граѓани и точно да најде решение за нивните потреби, посочи Милан Танчески, директор на Центарот за социјални иновации „Блинк 42-41 од Скопје, во третата сесија од меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“ што се одржува денеска и утре во хибриден формат – физички во хотелот „Мериот“ во Скопје и онлајн, преку платформата „Зум“.

Како може да се стори тоа, односно да се олеснат не само пристапот до услугите, туку и комуникацијата на граѓаните со институциите на власта, а со тоа делумно и решавањето на нивните проблеми, преку примерите од своите земји, покрај Танчески, објаснија и Марија Сузиќ, од Институтот за развој и иновации од Србија; Кристина Михаиловиќ од Здружението „Родители“ од Црна Гора; Антигона Ука од Косовскиот центар за далечинско образование, како и Франческа Мучо од Мрежата на млади професионалци од Албанија.

Најзастапената процедура што е дигитализирана или треба да се дигитализира во земјите на Западен Балкан се веројатно уписите во градинка и во основно училиште. За тоа како ова е делумно воведено или треба да се воведе, како една од целите на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, зборуваа и Милан Танчески и Марија Сузиќ од Србија и Кристина Михаиловиќ од Црна Гора.

Танчески говорејќи за дигиталната платформа „мЗаедница“, која функционира на ниво на општински услуги, а развиена од Центарот за социјални иновации „Блинк 42-41 од Скопје, појасни дека уписите на децата во градинка или училиште се една од работите што оваа платформа треба да ги воведе. Сега таа овозможува комуникација и добивање услуги во некои општини, а идејата е да профункционира на ниво на целата територија.

Такви платформи или решенија во рамките на ИЦЕДА се развиени и во Србија и во Црна Гора.

Но, нееднаквоста не само во поглед на дигиталните услуги на ниво на општини, туку и на централно ниво е проблем и во Србија, иако земјата има направено големи исчекори во поглед на искористувањето на технолошките можности. Некои решенија тука се недоволно прилагодени за ранливите групи, и тоа мора да се надмине, порача Марија Сузиќ, од Институтот за развој и иновации.

„Сите услуги не се еднакво достапни на сите граѓани, во некои општини може да се запише дете во градинка во дигитална постапка, во некои не. Потоа, остварувањето на правото на надомест за породилно отсуство, некаде може да се оствари, некаде не. Власта треба да овозможи подобра поддршка, е-сервисите мора да бидат достапни за сите“, нагласи таа.

Во Црна Гора, која има релативно најмалубројно население од сите земји во Западен Балкан, но и на Балканот воопшти, надминат е еден проблем – сега за лекарската потврда потребна за упис во градинка или во училиште, родителите повеќе не треба да одат во здравствените домови, туку може да ја симнат и испечатат дома.

Дигиталната писменост е една од главните пречки

Можеби главната пречка во поглед на дигиталната трансформација на општествата е ниското ниво на дигиталните вештини кај граѓаните, и на тој план се работи и во Србија, и во Црна Гора, но и во Косово и во Албанија и во Македонија, преку упатства во текстуален формат или како видео лекции, објаснија дел од учесниците.

Дигиталната писменост во Косово е слаба не само кај другите популациски групи, туку и кај универзитетските студенти, посочи Антигона Ука од Косовскиот центар за далечинско образование.

„Интересно е што Косово има 98 отсто покриеност на територијата со интернет-врска, што е највисок процент во Европа. Ова е предност што мора да се искористи, но затоа мора да се работи на алатки што ќе се користат уште во претшколската возраст“, посочи таа.

Потребата од развој на дигиталните вештини е голема и во Албанија, каде иако има висок процент на пристап на населнието до интернет, недоволната оспособеност за дигиталните алатки уште повеќе ја зголемува нееднаквоста, потенцираше Франческа Мучо, генерална секретарка на мрежата на млади професионалци.

Меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“ продолжува и утре во хотелот „Мериот“ во Скопја и онлајн, преку платформата „Зум“. Директен пренос од конференцијата се врши и на Фејсбук страницата на проектот.
Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија. Целта е да се зголеми ангажирањето на граѓаните во креирањето на дигиталната агенда.

Линк до оргиналната објава: Дигитализацијата треба ги намали бариерите и да го олесни пристапот на граѓаните до услугите | Meta.mk

Сподели: