Вклучувањето на граѓанското општество во процесот на дигиталната трансформација на државите, но пред сè обучувањето на граѓаните е од посебна важност, затоа што со поголемо учество на организациите полесно може да се надмине дигиталниот јаз. Ова го истакнаа претставници на граѓански организации од Република Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора на панел дискусијата на тема „Од граѓаните за граѓаните – Надминување на дигиталниот јаз“ во рамки на Меѓународната конференција „Дигитална трансформација за граѓаните“ организирана од Фондацијата „Метаморфозис“, пишува Порталб.мк.

Зборувајќи за предизвиците на центрите за поддршка на е-влада во Западен Балкан за обезбедување поддршка и зајакнување на различни категории на граѓани за ефикасно користење на достапните јавни електронски услуги и зголемување на нивното дигитално образование, учесниците од граѓанските организации од Западен Балкан ги истакнаа нивните напори за надминување на дигиталниот јаз во нивните заедници и промовирање на онлајн употребата на достапните јавни механизми.

Мила Јосифовска Даниловска од Фондацијата „Метаморфозис“ објасни дека проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“ им помогнал на граѓанските организации од земјите од Западен Балкан во дигиталната агенда и дигиталната трансформација на општествата од овие земји, но и во зголемување на нивните дигитални вештини.

Лилјана Јоноски, извршен директор на „Рурална коалиција“ од Северна Македонија истакна дека „ICEDA“ им овозможила да продолжат со своите активности во насока на дигитализацијата. Како што истакна таа, пандемијата ги натерала да започнат и да овозможат поддршка во ова поле.

„Време беше да се отворат овие процеси. Со отворањето на овој центар стана јасно дека граѓанските организации се тука и ги поддржуваат институциите за кои ние зборуваме. Можеме да кажеме дека во последните две години имаме голем напредок “, рече Јоноски.

Меѓу другото, таа истакна дека една од главните лекции што ги научиле од искуствата на терен е дека самите земјоделци како и жителите во руралните средини видоа дека дигитализацијата на услугите е нешто добро за нив и колку е важно да се направи оваа дигитална трансформација.

Меѓународната конференција „Дигиталната трансформација на граѓаните“ во организација на Фондацијата „Метаморфозис“. Панел дискусија: „Од граѓаните за граѓаните – Надминување на дигиталниот јаз“; Фото: Мета.мк

Од Косово, проект-менаџерката во „Демокраци плус“, Дебора Пеци, истакна дека преку дигитализација тие веруваат дека можат да помогнат во промовирањето на демократијата и демократските вредности.

„Уште од почетокот на употребата на платформата направени се бројни промени. Со поддршка од „ICEDA“ продолживме да работиме со општините и да им нудиме помош на општините, но и на граѓаните… Видовме голем напредок во насока на ова прашање… Централните институции презедоа активности“, рече Пеци.

Меги Тафаруци од Албанија, развивач на проектите од „Јуропиан Јут Асосиејшн“ објасни дека нивниот пристап кон дигиталната агенда беше во насока на целните групи како што се постарите, малцинствата и слично.

„Го развивме проектот во Драч и Елбасан, за нас тешкотиите беа и можности, мислам на пандемијата Ковид-19 која предизвика затворање на целата наша држава. Ова ги натера граѓаните да станат посвесни за да ја разберат важноста на дигитализацијата“, рече Тафаруци.

Таа додаде дека во овој поглед граѓаните сè уште не беа сосема сигурни дали нивните сметки во е-Албанија се безбедни, дали може да ги преземе некој друг и слични сомнежи од ваква природа. Но, како што објасни таа, овие сомнежи биле елиминирани со помош на работата на волонтерите и вработените, при што била зајакната и довербата во дигиталните услуги.

Меѓународната конференција „Дигиталната трансформација на граѓаните“ во организација на Фондацијата „Метаморфозис“. Панел дискусија: „Од граѓаните за граѓаните – Надминување на дигиталниот јаз“; Фото: Мета.мк

Наташа Ленџел, извршен директор на „Синхро Хаб“ во Србија истакна дека што се однесува на дигитализацијата тие биле љубопитни за иднината.

„Она што ние го направивме е да ги ставиме луѓето во фокус. Она што ние сакавме беше еден ден да погледнеме наназад и да видиме како го направивме тоа. После тоа спроведовме и работилници… Сакавме да допреме до луѓе кои не можеа да дојдат кај нас, но можевме ние да одиме кај нив. Сакавме да одиме во рурални места не само во урбани. Ги информиравме овие луѓе за дигиталните можности што ги имаат… Направивме и прирачник со цел да ги инспирираме другите организации да се занимаваат со прашањето на дигиталната трансформација во нивните заедници“, објасни Ленџел.

Што се однесува до Црна Гора, генералниот директор на „Нест“ Ивана Среќковиќ рече дека преку „ICEDA“ успеале да отворат центар за дигитализација.

„Имавме активности кои се спроведоа не само во Подгорица, туку и во други градови. Бидејќи нашата целна група беа младите, сакавме да им дадеме простор да видат што е дигитализацијата. Им дадовме можност да одберат“, изјави Среќковиќ.

Меѓународната конференција „Дигиталната трансформација на граѓаните“ во организација на Фондацијата „Метаморфозис“. Панел дискусија: „Од граѓаните за граѓаните – Надминување на дигиталниот јаз“; Фото: Мета.мк

Интересот на учесниците беше голем и на говорниците им поставија прашања во врска со дигиталната трансформација во земјите од Западен Балкан.

Меѓународната конференција „Дигиталната трансформација на граѓаните“ организирана од Фондацијата „Метаморфозис“ започна денеска и ќе заврши утре попладне. Конференцијата e организирана во хибриден формат и се одржува во хотелот „Мериот“ во Скопје. Дел од учесниците физички присуствуваат на настанот, а останатите ги следат сесиите онлајн, преку платформата Зум и Фејсбук лајв на Фејсбук страната на Фондацијата „Метаморфозис“. Агендата може да ја видите на овој линк.

Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија и реализирана од Фондацијата „Метаморфозис“ (Северна Македонија), Академијата за е-Владеење (Естонија), Движењето Мјафт (Албанија), Партнери за демократски промени Србија (Србија), НВО 35 мм (Црна Гора) и „Опен Дата Косово“ (Косово).

Линк до оргиналната објава: Дигиталниот јаз во Западен Балкан може да се надмине од граѓаните за граѓаните | Meta.mk

Сподели: