На Форумот за управување со интернетот група чинители од разни области се согласија да основаат Динамичка коалиција за приватност (Dynamic Coalition on Privacy) којашто ќе ги разгледува прашањата за заштита на приватноста на интернет како што се дигиталните идентитети, врската меѓу приватноста и развојот и важноста на приватноста и анонимноста за слободата на изразување. Групата ќе иницира отворен процес за понатамошен развој и појаснување на аспектите на јавната политика околу приватноста во управувањето со интернетот во пресрет на следниот состанок на Форумот за управување со интернетот што ќе се одржи во Бразил во 2007 година. Во текот на годината групата ќе користи алатки за онлајн-комуникација и ќе одржува состаноци на сродни настани низ светот.
Учесниците од Атина особено се согласија дека постои потреба за поголемо јавно учество во техничкото и правното стандардизирање што има големо влијание на јавната политика врз приватноста. Тие, исто така, нагласија и дека е важно во овие процеси да се вклучат подобри перспективи од земјите во развој.
Еден од најважните исходи од Форумот за управување со интернетот е креирањето на „динамички коалиции“, односно групи на чинители кои работат заедно на прашања од заеднички интерес во текот на неколку години. Динамичката коалиција за приватност е директен исход од двете работилници за приватност што се одржаа во рамките на Форумот на 31 октомври, а во организација на Групата за информациски системи при Факултетот за економија во Лондон (Information Systems Group at the LSE) и Универзитетот од Бремен . Коалицијата, исто така, ги отсликува и дискусиите што се одржаа во рамките на главната сесија на Форумот за компјутерска безбедност како и работилниците на Форумот за „Човекови права и интернет“ организирана од Советот на Европа и „Повелбата за правата на интернет“ организирана од Владата на Италија заедно со ИП Правда (IP Justice) и Интернет општество на Италија. Коалицијата е изградена врз основа на неколкумесечната соработка меѓу чинителите пред состанокот во Атина.
Во почетниот состав Динамичката коалиција за приватност членуваат претставници од 37 владини и невладини организации и компании од целиот свет, меѓу кои и Фондацијата Метаморфозис.
Коалицијата е отворена за сите заинтересирани и ќе започне глобален процес за да вклучи повеќе чинители во следната година. Затоа, претставниците од почетниот состав ги повикуваат сите заинтересирани да се вклучат во работата на оваа коалиција и да предложат други чинители со кои може да се контактира.
Француската влада понуди да биде домаќин на следниот состанок и предложи тој да се одржи во Париз во почетокот на 2007 година.
Сподели: