За прв пат Фондацијата Метаморфозис ја додели својата годишна награда „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации на двесеттото издание од конференцијата е-Општество.
Наградата во категоријата Најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци ја доби Институтот за медиуми и аналитика – ИМА Скопје за стручен труд со серија на содржини кои се меѓусебно поврзани, но се однесуваат на една конкретна тема.
Станува збор за содржините: „’Францускиот предлог’: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации“ (медиумски анализи), анализата „Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост“, „Руски и проруски дезинформации во Северна Македонија: Анализа на пропагандни наративи и студии на случај“ и „Уставните измени во медиумите: дезинформации, медиумски манипулации, говор на омраза“ (анализи) обработени во ТВ емисијата „Полиграф“ за разоткривање дезинформации и неточни вести. Автори на проектот и сценариото се Петрит Сарачини и Жарко Трајаноски.
Во категоријата Едукативна мултимедијална содржина подготвена од млади од 18 до 28 години, наградата ја доби новинарот Ардит Рамадани за „Медиумската хистерија за полот на Имане Хелиф влече корени од Русија, медиумите паднаа во замката на Русија, повторно“. Оваа награда се доделува за содржини во кои на креативен и иновативен начин се употребени информациско-комуникациските технологии со цел да допрат до младите и да ги едуцираат за да се јакне отпорноста од дезинформациите.
Новинарката Весна Коловска, која доби признание за посебен придонес за едукативниот серијал „Дезинформации и ширење на теории на заговор“, рече дека борбата против теориите на заговор е една од најтешките.
Наградата за првата категорија „Најдобар новинарски, односно стручен труд“ изнесува 3.000 евра во денарска противвредност. Наградата за втората категорија „Едукативна мултимедијална содржина подготвена од млади од 18 до 28 г.“, пак, изнесува 1.000 евра во денарска противвредност.
За наградите одлучуваше комисија составена од еминентни лица од медиумската и јавната сфера: Катерина Блажевска, Дејан Донев, Арта Тахири, Билјана Георгиевска и Назим Рашиди.
Наградата го носи името на Илија Жупаноски, кој беше општествен активист за демократија и активен борец против дезинформациите и против хибридните и сајбер напади врз демократиите на национално и меѓународно ниво.
„Илија беше наш соработник, соборец кој посвети значаен дел од својот живот во согледување на ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија. Иако, за жал, нè напушти прерано, неговата неуморна работа остави неизбришлив белег во општеството, a неговите заложби ќе живеат преку сите нас, кои продолжуваме да се бориме против дезинформациите во одбрана на вистината, односно да градиме општество во кое слободата на говорот е неприкосновена“, изјави на церемонијата на доделување на наградите, програмската директорка во Фондацијата Метаморфозис, Данче Даниловска – Бајдевска.
Прочитајте повеќе на мета.мк
Сподели: