На 5 ноември Скопје се одржа дваесеттата по ред меѓународна конференција е-Општество.мк во организација на Фондацијата Метаморфозис, која одбележува две децении постоење. Конференцијата годинава ја обработуваше темата на дигитална трансформација преку повеќе панел дискусии, изложби, квиз и презентации. Во рамки на конференцијата, исто така, за прв пат беше доделена наградата „Илија Жупаноски“ за справување со дезинформации.

Конференцијата ја отвори Амбасадорката на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Узлем Џанел, заедно со извршниот директор на Фондацијата

Метаморфозис, Бардил Јашари. Амбасадорката Џенел меѓу другото нагласи дека: „кога зборуваме за дигитализација не можеме да не дискутираме за сајбер безбедноста, тоа се двете страни на истата паричка“.

Јашари, пак, посочи дека Фондацијата Метаморфозис, „веќе две децении преку активностите и различните напори, се обидува да ја користи технологијата со цел да ја унапреди отвореноста и транспарентноста на властите, да се бори со говорот на омраза на интернет и други прашања“.

Покрај експертите од регионот и странство во содржините се вклучија домашни експерти, претставници на државните институции, но и на бизнис секторот, како и лица со попреченост и претставници на младински организации.

Панел „Има ли аир од дигиталното општество“

На првата панел дискусија насловена „Има ли аир од дигиталното општество“ говорниците дадоа свои перспективи од институционален, граѓански и бизнис сектор во однос на нивната одговорност и практики кои ги применуваат во создавањето на дигитално општество кое е во корист на сите граѓани.

Веднаш по завршувањето на дискусијата присутните имаа можност од прва рака да се запознаат со начините на примена на ВИ асистенти од страна на лица со попреченост.

ВИ асистенти за луѓе со попреченост во видот

По паузата имавме прилика да гледаме една поинаква дискусија која ги засега новите начини на користење на средствата за комуникација и новите медиуми особено кај младите. Дискусијата „Покажи ми го твоето меме- мемификација на општествениот дискурс“ ги допре прашањата за тоа како медиумите се адаптираат на новите децентрализирани начини на пренесување информации каде што нивната моќ се намалува, а несаканите позадински влијанија се зголемуваат.

Панел „Покажи ми го твоето меме- мемификација на општествениот дискурс“

Младите беа вклучени и во следната содржина во која млади претставници од граѓански организации се натпреваруваа со постари и поискусни граѓани во квиз за препознавање на дезинформации. Оваа забавна содржина покажа колку е тешко да се препознаат дезинформациите и кои се начините да ги откриеме.

Квиз „Бумери против Зумери“

Последната панел дискусија „Војна со дезинформации – Политички и безбедносен предизвик на Западен Балкан“ се фокусираше токму на дезинформациите и нивните сериозни последици врз безбедноста на земјата. Во овој панел земаа учество експерти кои споделија искуства на овие прашања од регионот и пошироко.

Панел „Војна со дезинформации – Политички и безбедносен предизвик на Западен Балкан“

Конференцијата се затвори со доделување на годишната награда „Илија Жупаноски“ за новинари, граѓански организации и поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите во земјата, која Метаморфозис ја воведува за прв пат. Беа доделени награди во две категории.

Петрит Сарачини и Жарко Трајаноски

Во категоријата „Најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци“ наградата од 3000 евра во денарска противвредност беше доделена на Здружението на граѓани Институт за медиуми и аналитика ИМА – Скопје за стручен труд со серија на содржини кои се меѓусебно поврзани обработени во ТВ емисија „Полиграф“ за разоткривање дезинформации.

Автори на проектот и сценариото се Петрит Сарачини и Жарко Трајаноски.

Наградата, пак, во категоријата Едукативна мултимедијална содржина подготвена од млади од 18 до 28 г. во вредност од 1000 евра ја доби новинарот Ардит Рамадани за видеото со наслов „Медиумската хистерија за полот на Имане Хелиф влече корени од Русија, медиумите паднаа во замката на Русија, повторно“.

Ардит Рамадани

Со оглед на квалитетот на пријавената тема „Дезинформации и ширење на теории на заговор“ (едукативни видеа), Комисијата едногласно одлучи да се додели признание за посебен придонес за новинарката Весна Коловска.

На вториот ден конференцијата продолжи во Јавна соба каде што се одржа работилница за борба против дезинформации: StopFake—најдобри практики Работилницата беше наменета за едукација за препознавање и спротиставување на дезинформации врз основа на искуството од познатиот сервис за проверка на факти StopFake.org од Украина кој годинава ја прославува својата 10 годишнина. Спроведено во синергија со Google News Initiative за споделување вештини и совети за едукација на новата генерација новинари, проверувачи на факти и наставници.

Сподели: