esociety3

Фото: Ванчо Џамбаски

Потребна е поголема медиумска писменост која ќе доведе до транспарентни и отчетни институции, е заклучокот од Конференцијата „е-Општество.мк“ која вчера се одржа во Скопје во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ на тема „Медиумски писмени граѓани за отчетни институции“. Една од главните препораки од конференцијата е медиумската писменост да влезе како дел официјалниот образовен процес во училиштата во Македонија.

Според Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, кој учествуваше на свеченото отварање, медиумската писменост е алатка за препознавање вистински и лажни вести, но е и алатка за одговорна дебата и за плурализам во мислења.

„Лажните вести станаа дел од нашата дигитална интеракција. Со медиумската писменост се создава средина за контрола на државните институции и таа е неопходна состојка на здрава демократија. Ако нема медиумски писмени граѓани, институциите ќе бидат помалку отчетни и транспарентни“, рече Жбогар.

На свеченото отварање, покрај Жбогар, говореа и директорката на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова Пановска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, министерот задолжен за транспарентност, отчетност и комуникација, Роберт Поповски и извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари.

Министерот Манчевски посочи дека многу е полесно да се донесат услугите до граѓаните отколку граѓаните до услугите и институциите.

„Дигитализацијата ќе го намали влијанието на човековиот фактор, а со тоа, да бидеме искрени, ќе се намали и корупцијата. Свесни сме дека довербата на граѓаните во институциите е ниска, на ова мора постојано да работиме. Стекнување на доверба не е лесно, затоа транспарентноста и отчетноста не се само мерки кои мора да ги штиклираме туку мора вистински да ги подобриме, а со тоа ќе ги намалиме и лажните вести. Не се плашиме од критика, таа не мобилизира и не прави подобри и ја мотивирам да ја има понатака“, вели Манчевски.

Како што истакна Јашари, фокусот на конференцијата годинава е на влијанието на новите технологии врз работата на институциите и пронаоѓање решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат институциите и граѓаните.

„Самата дигитализацијата не е решение за проблемот, но мора да ја поттикнеме културата на отворено демократско општество”, рече директорот на „Метаморфозис“ на отварањето на конференцијата која годинава се одржа 14-ти пат по ред.

esociety2

Фото: Ванчо Џамбаски

Според Каранфилова-Пановска, реформите во медиумите се случуваат, но со забавено темпо, младите немаат многу вештини и не знаат како да ги верификуваат податоците и информациите до кои што доаѓаат.

Таа наведе истражување кое што го направила Фондацијата Отворено општество од Софија за медиумска писменост во 2018 година во кое се рангирани земјите од ЕУ и пет земји од Западен Балкан. На листата Македонија се наоѓа на последното, 35 место.

Медиумската писменост бара плодна почва во општеството, а тоа е невозможно кога медиумите се уцените и потчинети, вели министерот задолжен за транспарентност, отчетност и комуникација, Роберт Поповски.

– Убеден сум дека со создавањето плодна почва придонесува отворениот и професионалниот однос на владата кон медиумите. Оваа влада слуша критика, ја анализира критиката и ја формулира својата политика според интересите на граѓаните – потенцира Поповски.

Главниот и одговорен уредник на „Мета“, Зоран Андоновски, кој учествуваше во втората сесија на конференцијата на тема „Слобода на изразување и медиуми – до каде сме?“ презентирајќи го извештајот од набљудувањето на исполнувањето на реформските приоритети од областа на медиумите посочи дека во однос на реформите во медиумите нешто е почнато, но е застанато.

„Направен е обид да се донесат новите закони, но тие се заглавени во Собранието. Индикативен податок е дека до Комисијата за информации од јавен карактер има 520 жалби за недозволен пристап до информации. Во однос на навредата и клеветата, судството сè уште не се снаоѓа во овој дел, нема јасна дистинкција што е медиум, постојат збунувачки пресуди“, вели Андоновски.

Покрај Андоновски на оваа сесија учествуваа и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, Драган Секуловски, извршен директор на Здружението на новинари на Македонија и Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.

Според Трајчевски, состојбата во МРТ останува лоша и се доведува до прашање нејзиното функционирање и улогата што ја има во општеството.

„Само економско силни и независни медиуми може да ги издржат притисоците од центрите на моќ. Законските измени не смеат да преставуваат упад во медиумските слободи. Само слободни медиуми можат да ја играат својата улога во општеството за граѓаните да можат да оформат свое мислење“, категоричен е Трајчевски.

Фото: Ванчо Џамбаски

Фото: Ванчо Џамбаски

Македонија е сè уште на дното во европски и светски рамки во однос на слобода на изразување и медиумска независност, вели Драган Секуловски од ЗНМ.

„Според „Фридом хаус“, Македонија е неслободна земја и после две години откако имаме нова власт и тоа е факт. Заклучоците треба да ги мотивираат сите дека се потребни промени, не само за да се промени имиџот во светот туку затоа што граѓаните заслужуваат да бидат информирани, а не манипулирани. Без системски реформи не може медиумите вистински да си ја вршат својата работа а со тоа ќе им биде скратено правото на граѓаните вистински да се информираат“, додаде Секуловски.

Тој информираше дека трендот на напади на новинари се намалил од 18 во 2017 година на 6 оваа година и предупреди дека говорот на омраза што се случува во медиумите може да прерасне во дела од омраза.

Според програмскиот директор на „Метаморфозис”, Филип Стојановски, кој беше дел од сесијата на тема: „Со медиумска писменост против манипулации и дезинформации“, со професионални и објективни информации ќе дојде до намалување бројот на лажни вести, кои се чести во македонските медиуми.

„Концептот на медиумската писменост не е да се реши само проблемот на медиумската писменост, туку ни требаат пристапи во многу нивоа, почнувајќи од објективното и професионално новинарското известување. Со објективно и професионално известување на новинарите би се намалиле лажните вести, кои ги има многу во Македонија“, рече Стојановски.

Покрај Стојановски на оваа сесија учествуваа и Весна Никодиновска од Македонскиот институт за медиуми, Бојан Шашевски од Младински образовен форум и Марина Димитриева -Ѓорѓиевска од Бирото за развој на образованието.

Според Никодиновска, целта на медиумите е да се учат луѓето како да размислуваат со своја глава, и да ги проверуваат фактите што ќе ги најдат онлајн.

logoa

Конференцијата е-Општество.мк ја организира Метаморфозис, Фондација за интернет и општество, во синергија со проектите „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ (crithink.mk) и „Одговорност, Технологија и Мрежа на Институционална Отвореност во Југоисточна Европа“ (ACTION SEE – actionsee.org), финансирани од Европската Унија, проектите „Опсерваторија на медиумските реформи“ (mediaobservatorium.mk) и „Вистиномер.мк“ (vistinomer.mk) поддржани од Фондацијата отворено општество – Македонија како и со проектот „Промовирање, обликување и унапредување на слободите на интернет“ (Promoting, Shaping and upholding internet freedoms) поддржан од Асоцијацијата за прогресивни комуникации (apc.org) и проектот „Креирање методологија и пристап за граѓански надзор над службите за следење“ преку ИФЕКС (ifex.org).

Сподели: