На покана на глобалната иницијатива Партнерство за отворена власт (ПОВ) и Регионалната школа за јавна администрација (ReSPA), Мила Јосифовска Даниловска, програмска менаџерка во Фондација „Метаморфозис“ беше говорничка на регионалната конференција „Зајакнување на отворена власт: Состанок за ПОВ за Западен Балкан“ која се одржа на 14 и 15 ноември 2024 година во Тирана, Албанија.
Таа учествуваше на панелот „Унапредување на дигиталното управување во ПОВ областите“ каде што со другите учесници дискутираше за иновации во дигиталното управување и стратегии за градење доверба кај граѓаните.
Други говорници на панелот беа Игор Видачак, професор на Факултетот за политички науки во Загреб, Хрватска, и Надија Конашчук, експерт за отворени податоци од Украина, а модераторка беше Бојана Бајиќ, службеничка за иновации и дигитализација на јавните политики во ReSPA.
„Институциите постојат за да им служат на граѓаните, а технологијата, кога се користи одговорно, има моќ значително да го подобри испорачувањето на јавните услуги.“ – нагласи Јосифовска Даниловска во своето излагање за етичката употреба на нови технологии во поддршка на дигиталното управување.
Во своето излагање, таа ги истакна можностите и ризиците што ги носат новите технологии, особено вештачката интелигенција, во контекст на дигиталното управување. Посебен акцент стави на подобрувањето на одлучувањето базирано на податоци, унапредувањето на јавните услуги преку брза и достапна поддршка, откривањето на измами и намалувањето на корупцијата со помош на алгоритми, зајакнувањето на јавната безбедност и оптимизацијата на здравствениот систем.
Сепак, Јосифовска Даниловска истакна дека овие придобивки се условени од адресирање на етичките предизвици како пристрасност, нарушување на приватноста и ограничена транспарентност. Таа ги повика институциите да воведат етички проверки, транспарентни процеси и инклузивни политики, со цел создавање праведно и одговорно дигитално општество.
Оваа дискусија е потсетник за важноста на одговорноста и почитувањето на човековите права во ерата на дигиталното управување.
Потсетуваме дека Фондација Метаморфозис изготви Истражување за ефектот на новите технологии, со особен фокус на вештачката интелигенција, врз човековите права на интернет кое што предлага минимум етички стандарди за заштита на човековите права на интернет при автоматско донесување одлуки.
Сподели: