Фондацијата Метаморфозис беше дел од петтата годишна конференција „Недела на приватност“, организирана од Партнери за демократски промени Србија (Партнери Србија), што се одржа под слоганот „Приватност за сите“ од 29 до 31 јануари 2025 година во Белград.
Во фокусот на овогодинешната конференција беа заштитата на приватноста и заштитата на податоците, со посебен фокус на заштитата на правата на најранливите, активистите и новинарите.
На 30 јануари 2025 година, пак, беше централниот настан на „Недела на приватност“ со кој беше одбележан и Меѓународниот ден на заштита на личните податоци. За време на централната конференција се дискутираше за синергијата на заштитата на личните податоци и борбата против дискриминацијата, заштитата на дигиталните права на граѓаните надвор од регулаторниот простор на Европската унија и т.н. Бриселски ефект, потоа заштитата на медицинските податоци при развој на модели за вештачка интелигенција и ред други теми.
Програмската директорка на Метаморфозис, Данче Даниловска-Бајдевска, беше модераторка на панелот „Бриселски ефект – Поглед од периферијата“ кој беше посветен на влијанието на европските регулативи, како што се Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR), Законот за дигитални услуги (DSA) и Законот за дигитален пазар (DMA), на дигиталниот пазар и на човековите права во земјите надвор од регулаторниот простор на ЕУ. Панелистите во рамките на оваа сесија го анализираа ефектот од овие регулативи, со посебен фокус на механизмите за заштита на правата достапни за граѓаните и предизвиците во нивната примена надвор од ЕУ. За време на дискусијата беа споделени успешни иницијативи за заштита на дигиталните права на граѓаните надвор од ЕУ, како и можностите и предностите за интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар.
Сподели: