Центарот за управување со промени во соработка со Заменичката на Претседателот на Владата, Славица Грковска, задолжена за политики за добро владеење, и Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, организираше конференција на тема: „Што ги интересира граѓаните? – Подобрување на системот за слободен пристап до информации од јавен карактер“. Настанот се одржа на 23 септември 2022 година во хотел Панорамика, Скопје.
Претставничката на Фондација Метаморфозис, Маријана Јанческа, зборуваше за Индексите на отвореност на извршно и локално ниво, критериумите врз кои се базира Индексот на отвореност и резултатите од последните мерења.
Индексот на отвореност се води според рамка на принципи, кои го уредуваат системот на владеење, а кој дава резултати што ги задоволуваат потребите на општеството преку најдобро искористување на достапните ресурси:
(1) пристапност – го проценува степенот до кој правото на пристап до информации е гарантирано со закон и во практика, како и квалитетот на механизмите за вклучување и консултации при процесите на креирање на политиките;
(2) ефикасност – ја разгледува посветеноста на институциите да учат од тековните процеси и да ги подобрат преку воспоставени системи за следење, евалуација и учење – со употреба на клучни точки/индикатори за време на стратегиското планирање и известување;
(3) транспарентност –ја проценува јавната достапност на организациските информации, буџетот и постапките за јавни набавки,
(4) интегритетот го оценува присуството на механизмите за спречување судир на интереси, за регулирање на лобирањето, како и на достапноста на кодексот за етичко однесување што ќе го води и санкционира однесувањето на државните службеници и јавната администрација.
Јанческа потенцираше дека според мерењето за 2021 година, најотворена е Владата на Северна Македонија, која исполнува 82,71 % од поставените критериуми за отвореност, по која следи Владата на Црна Гора со 58,16 %. На трето место е БиХ со 49,58 %. Владата на Република Србија е на последно место со исполнување на 37,96 % од критериумите за отвореност. Кога станува збор за министерствата, најдобри резултати, во просек, постигнуваат министерствата на Северна Македонија со 58,56 % исполнување на индикаторот за отвореност. Во другите земји, министерствата исполнуваат помалку од половина од поставените индикатори – во Црна Гора 48,17 %, Србија 46,82 %, Босна и Херцеговина 38,5 %. Најслаби резултати бележиме кај органите на државната управа. Во просек, органите во состав на Северна Македонија задоволуваат 41,54%, Црна Гора 40,82 %, Босна и Херцеговина 40,49 %, и Србија 31,20 %.
Во однос на планските региони, истражувањето покажа дека и во 2022 година најотворени се општините во Југоисточниот Регион, со просечна отвореност од 35 %, додека најмалку отворени се општините во Скопскиот Регион со просечна отвореност од 20 %, наместо Полошкиот во 2021 година, кој сега ја има претпоследната позиција со 21 %.
На крај на излагањето, претставничката на Фондација Метамофрозис зборуваше за препораките за подобрување на институциите.
Препораките се поделени во четирите столба што се мерат, а по објавувањето на резултатите се комуницираат со мониторираните институции на посебни состаноци, но и преку кампања се запознава и јавноста:
- Сите извршни органи мора да имаат свои интернет-страници или да се воспостави посебен дел на интернет-страницата на ресорните министерства, со цел да овозможат активна транспарентност, директна интеракција со јавноста и отчетност. Да се овозможат функционални пребарувачи на интернет-страниците на извршните органи.
- Институциите да воведат внатрешни процедури што ќе го унапредат процесот на реактивната, но и на активната транспарентност, со воспоставени рокови и одговорни лица за споделување и ажурирање на информациите на интернет-страниците.
- Институциите да ги објават на својата интернет-страница одговорите со кои обезбедиле пристап до информациите по поднесено барање (од реактивен кон активен пристап) со што би се намалило повторувањето на добиени барања по писмен пат за исти информации.
- Институциите неопходно е проактивно да го објават збирот документи, податоци и информации утврдени во членот 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер со што ќе влијаат на зголемувањето на активната транспарентност.
- Да се намали максималниот рок за одговор на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер од 20 на 15 дена, со оглед дека тоа е разумен период на чекање според меѓународните стандарди и воспоставената регионална практика.
- Неопходно е да се спроведе улогата на Генералниот секретаријат за контрола на квалитетот и следење на спроведувањето на постојните политики.
- Владата мора да го намали трендот на бројот предлог-закони што се предлагаат по скратена постапка за да не се загрози нивниот квалитет и/или да се намали учеството на засегнатите страни во консултациите.
- Владата мора да избегнува измени на политиките без докази дека предложените промени ќе обезбедат значително подобрување. Потребни се заложба и воспоставување практика за спроведување на екс анте и екс пост анализи.
Сподели: