По повод 2 Април, Меѓународниот ден на проверка на факти, се одржа онлајн панел-дискусија посветена на проверката на факти како средство за унапредување на медиумската писменост. Организатор на дискусијата беше проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” кој го спроведуваат „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со поддршка од Европската Унија.
На втори април новинарите и активистите низ целиот свет по петти пат го одбележаа Меѓународниот ден на проверка на фактите инициран од Меѓународната мрежа за проверка на факти, чија членка од Северна Македонија е Фондацијата „Метаморфозис“.
Во едночасовната панел-дискусија воведен збор даде Бардил Јашари, извршен директор на Фондација Метаморфозис а за сите аспекти врзани со проверката на факти дебатираа: Филип Стојановски, раководител на проектот КриТинк, Владимир Петрески, уредник за проверка на факти на македонски јазик и главен уредник на Вистиномер и Елида Зулбеари, уредничка за проверка на факти на албански јазик и главна уредничка на Порталб.мк.

„Фондација „Метаморфозис“ е членка на Меѓународната мрежа за проверка на факти уште од самиот почеток и ние како организација многу рано ја препознавме важноста на борбата против дезинформациите и секогаш се обидуваме преку разни алатки, проекти и активности да се бориме против штетните последици од дезинформациите. Сепак, проверката на факти е многу мал, но важен дел од овие активности, кои имаат за цел не само да ги дебанкираат лажните информации, туку и да се бориме против последиците. Тоа е многу тешка и напорна борба особено сега на Интернет кога изворите на дезинформации се многубројни и разновидни“ изјави Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“. Тој потсети на почетоците кога Фондацијата започнала со проверка на факти во 2011 година, кога и самата проверка на факти не била толку популарна и многу малку се практикувала, иако според Јашари, тоа требало отсекогаш да биде пракса во посериозните и професионални медиуми.

Тој потсети на почетоците кога Фондацијата започнала со проверка на факти во 2011 година, кога и самата проверка на факти не била толку популарна и многу малку се практикувала, иако според Јашари, тоа требало отсекогаш да биде пракса во посериозните и професионални медиуми.

„Намерно или ненамерно, проверката на факти се поистоветува со цензура што не е точно. Проверката на факти е одговорна работа која се темели на претходно утврдена методологија која нема за цел да наметне некоја апсолутна вистина, туку напротив, да овозможи дебата на различни теми преку соочување на различни теми и аргументи, со цел слобода на изразување“, појасни Јашари, при што додаде дека улогата на проверувачите на факти е да им овозможат на граѓаните правилно да се информираат, да препознаваат кредибилни извори на информации и да донесуваат одлуки базирани на проверени и точни информации.

Филип Стојановски, раководител на проектот „Критинк“ ги сподели искуствата од тригодишното траење на проектот и како што рече, она што „Критинк“ го работи е дел од светски процес.

„Ние започнавме со таканаречен „политички факт-чекинг“, односно проверка на факти или изјави кои се однесуваат на политички ветувања, за подоцна да сфатиме дека и медиумите имаат значајна улога и затоа го основавме Сервисот за проверка на факти, кој се базира на практична примена на принципите на етичкото новинарство. Во меѓувреме тоа стана светски тренд, па ние бевме први во регионот, заедно со уште неколку партнери ја основавме Балканската мрежа за борба против дезинформации. Работејќи на овие полиња сфативме дека освен самата проверка на факти и со новинарите, мора да се работи на поширока публика, бидејќи самата проверка не е доволна во спротивставувањето на секаков тип дезинформации, а пропагандата сама по себе не се занима со факти, туку со друг вид на манипулации, особено манипулации на емоции“, изјави Стојановски.

Тој појасни дека во рамки на проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” кој се реализира во соработка со ЕВРОТИНК, а е подржан од ЕУ, освен унапредување и проширување на активностите за ширење на медиумска писменост преку проверка на факти, вклучува и активности за приближување на медиумската писменост кон граѓаните надвор од Скопје кои се соочуваат со ист тип на проблеми, но имаат помал број ресурси за информирање и проверка на факти.

Како најзначајна ја спомена соработката со Фејсбук, која се однесува на програмата за проверка на факти од трети страни.

Уредникот за проверка на факти на македонски јазик и главен уредник на „Вистиномер“, Владимир Петрески на панел дискусијата зборуваше и ги појасни методологиите при проверката на факти, и како прва во рамки на Фондација „Метаморфозис“, ја посочи токму преку Сервисот за проверка на факти.

„Проверката на факти не се разликува ништо повеќе од онаа стандардна проверка која ја прават новинарите кога креираат новинарски вести, извештаи, стории. Разликата е што во овој контект, проверувачите на факти го прават тоа по објавувањето на текстот или прилогот“, појасни Петрески.

Елида Зулбеари, уредничка за проверка на факти на албански јазик и главна уредничка на Порталб.мк истакна дека проверката на факти во време на пандемија е клучна, бидејќи со тоа може навистина да се спаси човечки живот, особено кога во медиумите и на социјалните мрежи се споделуваат информации за најразлични лекови, антиваксерство или недоверба во медицинските установи, со цел граѓаните да се одвратат од посета на доктор и слично.

„Она што можам да го сумирам е дека дезинформациите се слични и во македонските и во албанските медиуми. Пред корона кризата, постоеја најразлични дезинформации за надрилекарство или лекови за рак или други болести. Воглавно, албанските медиуми во земјава имаат влијание од албанските медиуми од Косово и Албанија, како и што македонските медиуми имаат влијание од српските и бугарските медиуми“, изјави Зулбеари.

Таа посочи дека често пати се случува коментарите да се вметнуваат во текстовите, што е недозволиво бидејќи станува збор за два различни жанрови во новинарството. Зулбеари истакна дека искуството на рецензирањето и проверката на факти во склоп на Порталб.мк, покажува дека меѓу главните проблеми е тоа што новинарите намерно или ненамерно ги вметнуваат своите ставови во текстовите, а токму Порталб.мк преку рецензиите укажува каде и кога не треба да го прават ова новинарите, согласно Етичкиот кодекс на новинари.

Меѓународниот ден за проверка на факти се одбележува од 2017 година од страна Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact-Checking Network) во соработка со над стотина организации низ целиот свет кои вршат проверка на факти. 2. април беше одбран како антипод на 1. април – денот на лагата.

Како одговор на напливот дезинформации поврзан со пандемијата ковид-19, годинешното мото е „проверката на факти може да спаси животи и ги поддржувам проверувачите на факти“ (Fact-checking can save lives and I support fact-checkers).

Повеќе информации за овие активности се објавени на сајтот https://FactCheckingDay.com и преку хаштагот #FactcheckingDay.

 

Сподели: