Четири организации од поранешните Југословенски републики вчера во Црна Гора ја формираа регионалната мрежа „ACTION SEE“ преку која заеднички ќе работат на промовирање и обезбедување на одговорност и транспарентност на властите во Југоисточна Европа.

Од Македонија во ова мрежа членува фондацијата за интернет и општество „Mетаморфозис”, од Црна Гора е ЦДТ, од Босна и Херсеговина – „Зашто не”, како и Центарот за истражување, транспарентност и одговорност „ЦРТА” од Белград.

Организациите се заложија за зголемување на соработката во областа на транспарентноста и одговорноста на властите од земјите на регионот, спроведувајќи заедничко набљудување, информирање на јавноста, соработка и заеднички дијалог за овие прашања.

„Партнерите го потврдуваат ставот дека заедно се посилни и дека можат да си помогнат едни на други со цел да се создаде што поголемо и поопширно влијание“ – стои во Меморандумот за соработка потпишан од гореспоменатите организации.

Во него исто така се наведува дека партнерите се обврзуваат дека ќе советуваат, соработуваат и ќе ги споделат нивните знаења и активности поврзани со овие цели:

„Организациите се согласуваат околу целта за вклучување во заеднички проекти, како и да го промовираат името на регионалната мрежа „ACTION SEE“ (Мрежа за Одговорност, Транспарентност и Институционална отвореност на Југоисточна Европа). Партнерите се согласуваат дека ќе ги земаат во предвид заедничките предлози поврзани со активностите кои се однесуваат на заедничката благосостојба“.

Ова партнерство е јавно.

Директорот на фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари, вели дека преку ова мрежа ќе се овозможи активностите на овие организации во нивните земји да се истакнат и на регионално ниво. „Мрежата ќе овозможи да направиме споредби помеѓу нашите земји околу нивото на транспарентност и одговорност на властите“ – вели тој.

Дарко Бркан од „Зашто не“ вели дека овие организации со години соработуваат во разни проекти за транспарентност и одговорност на властите. Еден од овие проекти е и Вистиномер.

„Сега дојдовме до формирање на ова мрежа, а имајќи ја предвид нашата претходна соработка, ACTION SEE треба да биде една силна алатка за сите организации, но и за граѓаните“ – вели Бркан.

Сподели: