Со објавување на Гласомерот, Фондацијата „Метаморфозис“ од Скопје во соработка со граѓанските здруженија „Зашто не“ од Сараево и ЛиНет од Белград, ја продолжува регионалната иницијатива за примена на нови технологии за едукација на гласачите и поголема транспарентност на политичките субјекти поддржана од американската непрофитна фондација НЕД, финансирана од Конгресот на САД,  како дел од напорите за развој на демократијата во регионот.

Како функционира Гласомер.мк?

Во претходните неколку недели, сите политички партии во Македонија добија покана да одговорат на едноставен прашалник и на тој начин да ги известат граѓаните за своите ставови, мислења и намери. Најголем дел од клучните политички субјекти ја искористија оваа можност за транспарентен контакт со електоратот и нивните одговори се внесени во системот.

Секој корисник на интернет може да го пополни истиот прашалник по што системот им нуди да ги споредат сопствените одговори со оние од партиите, како и да дознаат многу повеќе за нивните декларирани ставови по низа прашања поврзани со јавните политики во клучните општествени области.

Дел од политичките партии ветија дека ќе одговорат, но до овој момент немаат доставено пополнети прашалници. Доколку го сторат тоа и нивните одговори ќе бидат додадени во системот за граѓаните да може да увидат во која мерка се согласуваат со нив.

Резултат на користење на Гласомер.мк е подигање на нивото на знаење на граѓаните, како и проширување на можностите партиите преку интеракција со граѓанскиот сектор и јавноста да го подигнат нивото на транспарентност и отчетност кон народот.

Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација чии цели се развој на демократија и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информатичко општество.

Сподели: