Од 22 до 26 јуни годинава во норвешкиот главен град Осло се одржа деветтата годишна конференција на Меѓународната мрежа за проверка на факти (ИФЦН) во која членуваат над 110 организации од сите континенти во светот освен од Антарктикот. Бројот на учесници изнесуваше околу 400, при што, покрај новинари и проверувачи на факти вклучуваше и академици, кои на првиот ден од конференцијата говореа за придонесот кој го прави науката со цел да се унапреди професијата и тоа и во однос на ефикасноста, засилената меѓусебна соработка, употребата на технологијата, вклучувајќи ја тука и вештачката интелигенција, а претставени беа и истражувања кои помагаат јавноста да се запознае со видовите на дезинформации и дезинформациски наративи кои најмногу се шират на интернетот и тоа, пред сѐ, на социјалните мрежи, како проверувачите на факти бираат кои дезинформации да ги дебанкираат и слично.

Сите овие теми беа предмет на дискусија и меѓу самите проверувачи на факти во следните три дена – од 23 до 25 јуни, но и многу други. Најважните пленарни дискусии се водеа во претпладневните часови и тие вклучуваа теми какви што се проверката на фактите во време на избори, состојбата со регулативата против дезинформациите на глобално ниво, како и употребата на технологијата, пред сѐ, во обезбедувањето на опфат и опсег при проверката на факти, односно како што побрзо и поефикасно да се вршат дебанкирања врз што е можно повеќе дезинформации со цел да се зголеми импактот во работата на проверувачите на факти.

Сепак, од самата агенда на конференцијата, пред сѐ, од заедничките, пленарни претпладневни сесии, веднаш се забележува дека конференцијата, односно проверувачите на факти имаат потреба да дискутираат со претставниците на социјалните мрежи со цел подобро да ги дефинираат меѓусебните односи, да се избегне тнр. „плакнење на фактите“ (fact washing), односно доведувањето во ситуација социјалните платформи да можат да кажат дека преку соработката со факт чекерите прават многу на планот на борбата против дезинформациите, а од друга страна, пак, дезинформациите и понатаму да ги има на овие платформи во голем број. Па, така, агендата беше полна со дискусии токму на тема fact washing, соработката со Гугл преку алатката Claim Review, за која беше кажано дека досега е искористена за креирање на 140.000 факт чекови и има достигнато 4 милијарди импресии, односно дебанкирањата на дезинформациите корисниците на Гугл ги имаат видено 4 милијарди пати кога го користат овој најголем пребарувач на информации на интернет. Имаше панел на кој присуствуваа претставници на Мета (сопственик на Фејсбук), кого сите сакаа да го чујат и тоа особено што сега веќе околу 80-90 организации за проверка на факти имаат договори со проверка на вистинитоста кај содржините што се споделуваат на Фејсбук, како и панел со претставник на ЈуТјуб, кој се соочи со барем 200 незадоволни проверувачи на факти од цел свет, зашто оваа социјална видео платформа сѐ уште нема робусна соработка со факт чекерската заедница, иако станува се попопуларна локација за дезинформациските мрежи и тоа особено ако се има предвид дека и бројот на видеа на оваа мрежа забрзано расте од година во година, како и бројот на корисници и на прегледани видео содржини.

Еден од бројните панели на Глобал Факт. Фото: Поинтер Институт, САД, 2022

Во текот на попладневните часови овие три дена имаше барем едно 50-ина панели на најразлични теми и Глобал Факт 9 беше она место каде што требаше да се биде ако сте заинтересирани за борбата против дезинформациите на глобално ниво во актуелниот момент.

Панел дискусија наречена „Поделбата меѓу истражувањето и практиката“ како дел од GlobalFact 9 во среда, 22 јуни 2022 година, во Осло, Норвешка. (Seth Smalley/Poynter)

Македонската делегација беше составена од извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари, главната уредничка на порталот Порталб, Елида Зилбеари и главниот уредник на порталот Вистиномер, Владимир Петрески. Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер се веќе три години сертифицирана членка на ИФЦН, како и независни надворешни проверувачи на факти на социјалната мрежа Фејсбук во С. Македонија.

Следниот Глобал Факт 10 ќе се одржи идната година во Сеул, Јужна Кореја, но дотогаш се очекува да биде основана и Европска асоцијација за проверка на факти во која Фондацијата Метаморфозис е основачки и активен чинител од самиот почеток. Оваа асоцијација се очекува да игра важна улога во засилувањето на борбата со дезинформациите на европскиот континент.

 

 

 

Сподели: