Денес во просторите на Јавна соба беше презентирана анализата на е-услугите понудени од општините во РС Македонија, како резултат на истражувањето спроведено од Фондацијата „Метаморфозис“ кое се спроведува по трет пат (2014, 2021, 2023) и го покажува напредокот во дигитализација на македонските општини.

Анализата покажува општ напредок во однос на претходното истражување, но заклучокот кој го изнесе проф. Д-р Зоран Јаневски е дека тоа се случува премногу долго и премногу бавно и она што е променето е повеќе од аспект на автоматизација отколку суштинска дигитална трансформација од која сме сеуште многу далеку.

Интересно е да се нагласи дека иако општините како институции постојат во служба на граѓаните еден од заклучоците на истражувањето е дека многу мал дел од општините го слушаат гласот на граѓаните при изборот на идна понуда на нови општински е-услуги.

Најголем напредок се гледа во Крива Паланка, Василево, Дебарца, Неготино и Битола, според вредноста на Индексот на е-владини услуги на локално ниво.

Оваа методологија е стандардизирана, така што освен меѓусебна споредба на општините може истата да се направи и на регионално и глобално ниво.

Најголемиот проблем на спроведувањето на дигитализацијата во институциите е тоа што не постои сеопфатен план и стратегија за спроведување на дигиталната агенда.

На промоцијата на публикацијата и анализите од истражувањето програмската директорка Данче Даниловска-Бајдевска во својот говор нагласи дека дигиталната трансформација и дигитализацијата се еден од врвните приоритети на Европската Унија. Таа исто така нагласи дека придобивките од ова се во тоа што ќе се намали сивата економија и корупцијата, и последователно ќе се зголеми транспарентноста на работата на институциите.

Сподели: