На 16 јануари 2025 година, во Скопје, во организација на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис, се одржа работилницата „Што претставува и зошто е важен Законот за дигитални услуги на ЕУ?“, наменета за граѓански организации и медиуми, а во рамките на проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“.

фото: Мета.мк

Во Западен Балкан, усогласувањето со Законот за дигитални услуги (Digital Services Act – DSA) на Европската Унија е клучно за создавање побезбеден онлајн простор. Земјите веќе работат на усогласувањето, а владите, граѓанскиот сектор и технолошките компании мора да соработуваат за да изградат регионален пристап кој ги зајакнува дигиталните права и ги почитува демократските вредности.

Говорничките Данче Даниловска-Бајдевска, директор на програми во Фондација Метаморфозис и Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист, дадоа преглед на европскиот Закон за дигитални услови, зборуваа за неговата улога во заштитата на фундаменталните права и борбата против говорот на омраза и дезинформациите, но и за влијанието на законот на граѓанските организации и медиумите.

фото: Мета.мк

фото: Мета.мк

„Станува збор за сет на правила кои ги штитат корисниците, го поттикнуваат демократскиот напредок и ја зајакнуваат довербата во дигиталните услуги. Со овој закон, Европската Унија поставува глобален стандард за праведен и сигурен интернет за сите. Според некои политичари во Брисел, DSA ќе внесе ред во дигиталниот ‘Див Запад’. Затоа е важно да се разбере што содржи овој закон на ЕУ“, истакнаа говорничките на работилницата. На настанот беа презентирани и наодите од анализата за влијанието на Законот за дигитални услуги на ЕУ на правната рамка во Северна Македонија.

Според анализата, најзначајниот национален документ што го појаснува усогласувањето на националното законодавство со регулативите и политиките на ЕУ е Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА).

 

За усогласување со DSA, сепак, ќе биде потребна координирана работа на неколку министерства и усогласување на повеќе македонски закони, како законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за медиуми, за електронски комуникации, за заштита на личните податоци, за електронска трговија, за спречување и заштита од дискриминација и многу други.

Проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“ има за цел да ги унапреди стандардите за дигитални права во регионот на Западен Балкан и да придонесе за негова успешна интеграција во единствениот дигитален пазар. Оваа иницијатива претставува заеднички напор за справување со нееднаквите стандарди за дигитални права во земјите од Западен Балкан преку пристап на вклучување на повеќе засегнати страни за да се постигнат значајни промени. Проектот е финансиран од Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, а го спроведуваат Партнери Србија (Србија), Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), Зошто не? (Босна и Херцеговина), НВО 35 mm (Црна Гора), Women in TechKosovo (Косово) и Институт за демократија и медијација (Албанија).

Сподели: