Премиерот во оставка, Никола Груевски, во петокот, во Собранието најави дека неговата влада има намера да спроведе попис на населението и дека до крајот на годинава ќе биде набавен софтвер кој ќе овозможи електронско поврзување на матичните евиденции за пописот да биде во најголем дел електронски.

Ние, како граѓански организации и активисти кои се залагаме и лобираме за спроведување регуларен попис, сметаме дека оваа најава на Груевски е несериозна и претставува само уште една манипулација и намерно дефокусирање на јавноста и на граѓаните. Уште повеќе, затоа што планираното „техничко-технолошко“ решение не ги задоволува критериумите за спроведување реален попис на населението според меѓународните стандарди.

Едновремено сметаме дека актуелната владина коалиција нема ни легитимитет ни кредибилитет да спроведе попис бидејќи таа сè уште не даде никаков отчет за причините поради кои пропадна пописот во 2011 година и не презеде никаква одговорност за ова свое големо и сериозно промашување. Груевски излезе во јавноста со тврдење дека Владата спречила фалсификат, но до денешен ден ниту надлежните институции презедоа нешто, ниту некој одговараше за обид за фалсификат на пописот. Граѓаните не само што не знаат зошто пропадна пописот, не знаат ни колку милиони евра се одлеаја од државниот буџет за оваа пропадната операција. Единствено што беше јасно е дека причините за неуспешноста на пописот не се технички, туку имаат длабока политичка заднина.

Фактот дека, во изминатите три години, актуелната влада не направи ни најмала подготовка за спроведување регуларен попис, како и фактот дека најавата за негова реализација доаѓа во моментот кога започна спроведувањето на договорот од 2 јуни, го наметнуваат заклучокот дека е ова само евтин пропагандистички обид на Груевски да го одвлече вниманието на јавноста од главните приоритети.

Деновиве, исто така, сме сведоци дека владата на Груевски, преку ноќ и без каква било одговорност и сериозност, донесе одлука за завршување на лустрацијата, како и за повлекување на законот за хонорарците.

Ваквото однесување на власта недвосмислено упатува на констатацијата дека таа е подготвена да направи сè за да го минира спроведувањето на Договорот од Пржино и да го осуди на неуспех.

Имајќи го предвид сево ова, уште еднаш укажуваме на тоа дека владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нема никаков кредибилитет да подготви и да спроведе каков било попис на населението.

Ние и понатаму остануваме доследни на нашето залагање за што е можно побрзо реализирање на пописот, но тоа мора да биде направено од влада која ќе биде избрана на демократски и фер избори и која ќе изгради политичка волја за пребројување на населението според сите меѓународни стандарди и прописи.

Реакција на 48 граѓански организации и иницијативи: НВО Инфоцентар, Македонски центар за европско образование, Осми Септември, Ајде – Платформа за граѓанска политика, Фондација Отворено општество- Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права, ЦИВИЛ, Пактис, Патокази, Арсена, Мојот Град, Котрапункт, Јадро, Центар за современи уметности, Јустиција, МЕД, Изида, Акција Плус Ресен, Профицио, Форум ЦСИД, ЦОРЗ Дебар, Рурална Коалиција, Новус, Форум за истражување безбедносни политики Секуритас, Организација на жени Струмица, Квантум Прима, Банка за храна, Транспарентност Македонија, Хелтгрупер, Новинари за човекови права, Иницијативен глас Прилеп, Здружение за помош на социјално исклучени лица и ризични групи Скорпион, Младинска алијанса Тетово, МКЦ Битола, Здружение за култура и уметност Сцена, ЛГБТИ Центар, Метаморфозис, Факултет за работи што не се учат, Плоштад Слобода, Граѓанска иницијатива Го сакам ГТЦ, Интернет хотлајн провајдер Македонија, Центар за културно наследство, Прогрес Институт, Амбрела, АМАН, Паркобрани, УФУК, Здружението Вратете насмевка.

Сподели: