Мени

ИЦЕДА Обука за државни службеници за запознавање со теми поврзани со Дигиталната агенда за Западен Балкан 

На 30.11.2020 (понеделник), Фондација за интернет и општество Метаморфозис организираше еднодневна онлајн обука за државни службеници за запознавање со теми поврзани со Дигиталната агенда за Западен Балкан. Дигиталната агенда е иницијатива развиена од Европската Унија, која исто така е проширена и усвоена за 6 држави од Западен Балкан. Таа има за цел да обезбеди граѓаните во регионот целосно да ги искористат придобивките од дигиталната трансформација. Посветеноста кон Дигиталната агенда ќе обезбеди граѓаните да имаат вештини за да одговараат на барањата на новата економија и ќе помогне да се модернизираат јавните администрации, да се зајакне компјутерската безбедност, да се зголеми поврзаноста, како и да се подобри деловната клима.

 

Обуката имаше за цел да ги запознае државните службеници од министерствата во Република Северна Македонија со теми поврзани со Дигиталната агенда за Западен Балкан и добри практики од Естонија поврзани со можностите за развој на капацитети и визии потребни за Дигиталната агенда на локално, национално и регионално ниво, како и олеснување на вмрежувањето и соработката при постигнување на целите кои произлегуваат од истата.

На обуката учествуваа претставници од Министерство за образование и наука, Министерство за одбрана, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за внатрешни работи, Министерство за локална самоуправа, Министерство за правда, Министерство за економија и Министерство за животна средина и просторно планирање.

 

На обуката се дискутираше за Дигиталната агенда како клучна иницијатива во процесите на дигитална трансформација на Западен Балкан, е-услугите, дигиталните вештини, сајбер безбедноста и заштитата на личните податоци, како и за тоа како граѓанскиот сектор може да биде може да биде многу добар сојузник во дигиталната трансформација.

Генералните заклучоци од обуката се сведуваат на работење на подигање на капацитетите на администрацијата за прилагодување кон дигиталната трансформација и дигитално описменување на населението за да може полесно да ги користи придобивките од дигиталната трансформација, но и исто така да биде покомпетентно и компетитивно на пазарот на трудот. Се заклучи дека институциите на локално и национално ниво работат со различни ИТ капацитети и човечки и финансиски ресурси што, не секогаш но често, допринесува до нееднаквиот квалитет на испорачаните услуги. Кога се работи за ресурсите со кои располагаат институциите, се покрена прашањето за тоа дали истите се добро распределени и искористени, и дали можеби имало потреба од подобар план за нивно искоритување (како пример се спомна употребата на Windows кој според одредени претставници на институциите е понебезбеден и во голема мера подложен на сајбер напади, за разлика од Linux).

Понатамошниот заклучок беше дека иако легислативата е во голема мера прилагодена по ЕУ законодавството, таа не секогаш го следи технолошкиот напредок. Интероперабилноста исто така се издвои како голем предизвик и се предожи да се креира Единствен дата центар каде што институциите би можеле да прават размена на податоците од нивните датабази. Крајниот заклучок беше дека треба да се работи на градење на заедничка доверба помеѓу граѓанскиот сектор и институциите, за да може да се остварат поефективни иновации кои во главен фокус ќе го имаат граѓанинот.

 


Обуката е дел од проектот “Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА”кој е ко-финансиран од Европската Унија и се спроведува во 6 држави (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија).  Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм  (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.