Од 2019 година, српските организации за дигитални права предупредуваат против системот за надзор.

Фотографија на м-р Ана Тоскиќ-Цветиновиќ, обезбедена од авторот и одобрена за употреба.

Оваа статија е напишана од Ана ТоскиќЦветиновиќ, извршен директор на граѓанската организација Партнери за демократски промени на Србија, член на мрежата за зголемување на граѓанскиот ангажман во дигиталната агенда (ICEDA). Изменетата верзија со нејзино одобрување е повторно објавена од Глобални гласови (Global Voices).

„Модерната тоталитарна држава се потпира на тајноста на режимот, но со зголемен надзор и разоткривање на сите други групи. Демократското општество се потпира на публицитетот како контрола врз владата и на приватноста како штит за групниот и индивидуалниот живот“. Алан Вестин, 1967 година

Во декември 2022 година, српското Министерство за внатрешни работи го објави нацрт-законот за внатрешни работи. Ова беше втор пат во 16 месеци Министерството да го предложи овој закон со кој значително ќе се зголеми авторитетот на полициските службеници, ќе се зајакне политичкото влијание врз полицијата и нејзиното работење и ќе се воведе правна основа за масовен биометриски надзор во Србија.

Ова беше вторпат во 16 месеци нацрт-законот да се повлече од законодавниот процес. Меѓутоа, за разлика од септември 2021 година, кога тоа го направи претседателот Александар Вучиќ, кој објасни дека тогаш не бил погоден политички момент за овој закон (во тоа време Србија се подготвуваше за уште еден круг национални избори), овојпат премиерката Ана Брнабиќ беше таа која го иницира повлекувањето. Таа вети дека работењето на законот ќе продолжи во сеопфатен и инклузивен консултативен процес на сите релевантни чинители.

И двата обида за донесување на Законот за внатрешни работи беа проследени со остри реакции од српските и меѓународните граѓански организации кои најмногу ги коментираа одредбите за масовен биометриски надзор. Но, нивната борба започна уште во 2019 година, кога тогашниот министер за внатрешни работи објави дека градот Белград ќе биде покриен со биометриски камери за надзор поврзани со софтвер за препознавање лица, како и со системот за автоматско препознавање на табличките на автомобилите. Србија го набави овој недоволно тестиран систем за надзор од кинеската компанија Huawei, со таен договор, без претходно утврдена правна основа за негово користење, без утврдување на неопходноста и пропорционалноста на користењето на овој систем, но и без да изврши проценка на влијанието што би го имала употребата на ваквите наметливи технологии врз правата на граѓаните. Оттогаш, одговорот на владата во поглед на јавните барања е секогаш ист: Инсталирани се камери, но софтверот за препознавање лица не е набавен и тие ја користат достапната технологија како обичен видеонадзор (CCTV).

Четири години подоцна, очигледно е дека Министерството за внатрешни работи и српската влада не се откажаа од спроведувањето на ваков инвазивен систем за следење на граѓаните. Во јануари, на состанокот организиран од премиерката Брнабиќ, се собраа претставници на граѓанското општество и релевантните министерства за да разговараат за одредбите што беа критикувани. И покрај тоа што сè уште не е утврден точниот временски рок за законодавниот процес, сигурно е дека (најверојатно во политички погодно време) ќе се појави нов нацрт-закон, со кој ќе се прават обиди за обезбедување правна основа за она што со години беше идеја на нашите власти.

Но, што е тоа што го прави овој систем толку атрактивен што српските власти повеќе од три години се обидуваат да го стават во функција, на почетокот дури и без донесување регулатива со која би се легализирале инсталацијата и употребата на камери способни за автоматско препознавање лица?

За волја на вистината, владите насекаде во светот се повеќе користат биометриски надзор, првенствено со цел да спречат одредени злосторства и да ги гонат нивните сторители. Сепак, споредбеното искуство покажа дека иако овој систем може да помогне во сузбивање одредени кривични дела, ситните кривични дела се оние што се први засегнати. За организираниот криминал, на пример, камерите на јавните простори не се пречка. Што се однесува на Србија, не е понудена сеопфатна анализа што ќе ја покаже состојбата со криминалот во Србија, колку е (не)безбедно нашето општество и зошто биометрискиот надзор е алатката што треба да придонесе за нашата безбедност.

Последното е особено важно со оглед на фактот дека споредбеното искуство покажа голем број негативни ефекти од биометрискиот надзор. Самиот систем подразбира трајно ограничување на правото на приватност на граѓаните, но проблемите се многу поголеми од тоа. Случаите на погрешна идентификација и системски грешки доведоа до погрешни пресуди. Алгоритмот почесто ги препознава членовите на малцинските групи како сомнителни, додека властите во некои земји го користат овој систем за да се справат со оние што не ги споделуваат нивните политички ставови. Конечно, истражувањата покажаа дека имплементацијата на овие технологии на јавни простори има застрашувачки ефект. Знаејќи дека се постојано под надзор, граѓаните не се чувствуваат слободни да комуницираат, да се среќаваат, да учествуваат на политички собири или на друг начин да ги искажат своите ставови, мислења и верувања.

Сето ова во моментов е тема на интензивна дебата во рамките на Европската Унија, која во моментов го подготвува Законот за вештачката интелигенција (ВИ), регулатива која треба да ги регулира развојот и имплементацијата на вештачката интелигенција во земјите членки. Сè уште е неизвесно како ќе изгледа конечната верзија на Законот, но граѓанското општество, групите за заштита на човековите права и повеќето членови на Европскиот парламент повикаа на забрана за масовен биометриски надзор.

Со оглед на сето ова, не смееме да дозволиме во Србија да се носат избрзани одлуки за воведување биометриски надзор. Наместо избрзани, нетранспарентни и непромислени решенија, потребна ни е сериозна дебата за тоа дали ни е потребен ваков систем, што сакаме да постигнеме со него и, на крај, дали ние како заедница сме подготвени трајно да се откажеме од дел од нашата слобода.

Линк до оригиналниот текст: Иднината на масовниот надзор во Србија? · Global Voices

Сподели: