Започна деветиот бран на мерење на отвореноста на извршната и законодавната власт во четири земји од регионот на Западен Балкан, односно Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија и Црна Гора, преку Индексот на отвореност. Мерењето го спроведува мрежата ACTION SEE – Мрежа за Одговорност, Технологија и Институционална Отвореност во Југоисточна Европа со поддршка на Национален фонд за демократија преку проектот „Искористување на технологијата за промовирање на институционална одговорност и транспарентност“.

Индексот на отвореност претставува композитен показател којшто веќе осум години по ред го определува степенот на отвореност на државните институции од Западен Балкан кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните од Западен Балкан добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.

За да се измери степенот на институционалната отвореност, партнерите од ACTION SEE мрежата, следејќи ги меѓународните стандарди, препораки, како и примери на добри практики, ги мониторираат институциите според посебни квантитативни и квалитативни показатели, како на пример: пристап до информации на официјалните веб страници на институциите, квалитетот на правната рамка за одделни прашања, други извори на информирање на јавноста, објавени податоци за работењето на институцијата, јавните набавки, информации за трошењето на јавни пари, итн.

Врз основа на осмиот бран на мерења кој се спроведе во текот на 2024 година, се изработија публикациите „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и во регионот преку Индексот на отвореност“ и „Процена на доброто владеење на законодавната власт во Северна Македонија и регионот преку Индекс на отвореност“ кои даваат детален приказ на отвореноста на одделните институции, и содржат конкретни препораки и чекори за подобрување на отвореноста на истите.

 

Проектот „Искористување на технологијата за промовирање на институционална одговорност и транспарентност“ го спроведува Центар за демокраска транзиција (Црна Гора) во партнерство со Фондацијата за интернет и општество, „Метаморфозис“, Граѓанско здружение Зошто не? (Босна и Херцеговина) и Партнери за демократски промени Србија (Србија), со финансиска поддршка на Национален фонд за демократија.

Сподели: