Мени

“Истражувачка сторија: Во ИТ секторот јазот меѓу мажите и жените скоро и да не постои” – Мета.мк Новинска агенција

За разлика од другите сектори во македонската економија, ИТ секторот се истакнува со тоа што јазот меѓу мажите и жените е скоро непостоечки. Во некои струки од индустријата, како на пример, дигитален маркетинг, односот е 55,56 отсто жени наспроти 44,44 отсто мажи.

Низ текот на годините расте и бројот на дипломирани жени во формалното образование. Ако во 2013 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) дипломирале 86 студентки, минатата година нивниот број стигнал до 144. Слична е ситуацијата на Факултет за информациски науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), каде пред седум години имало само 17 дипломирани студентки, а лани со титулата дипломирани се стекнале 81 студентка.

Анета Пешева, претседателка на МАСИТ / Фото: Веб страна на МАСИТ

Дека овие бројки одат во нагорна линија, тврди и претседателката на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Анета Пешева. Во изјава за Мета.мк таа вели дека кога се запишувала на факултет биле само 4 девојки, а сега нивниот број е скоро половина од вкупно запишаните студенти.

Како што посочува таа, нашата држава е една од ретките која може да се пофали со просек од 36% жени во ИТ секторот, што е рамо до рамо со Романија и Бугарија, кои се едни од најразвиените ИТ држави во Европа.„Задоволителен е бројот на жени во ИТ секторот со кој нашата држава може да се гордее. Јас сум многу задоволна сум како се одвива приказната со оваа индустрија кај нас. Бројките го кажуваат своето“ изјави Пешева.

„Ако успееме да го задржиме овој тренд кој навистина би требал да продолжи, државата навистина ќе има со што да се гордее. Затоа и постојано апелирам до девојките и жените да се запишуваат на студиите што се поврзани со ИТ секторот бидејќи со тоа им се нуди посигурна работа, воедно и стануваат независни, а така и економската сигурност ја носи рамноправноста“ потенцира претседателката на МАСИТ.

Во моментов на пазарот на труд, во делот за информации и комуникации има слободни 348 места, а според најбараните занимања за титулата програмер има 128 слободни места. Додека пак, за инженери по информациски технологии има 101 слободно место, стои на веб страната на Агенцијата за вработување на РСМ.

Катерина Трајчевска, Women in Tech Macedonia / Фото: Веб страна на Women in Tech Macedonia

Од Women in Tech Macedonia, организација која работи на намалување на родовиот јаз во ИТ секторот и информирање на девојките за оваа индустрија, сметаат дека во иднина јавноста ќе гледа се повеќе жени во технологијата. Секоја година се повеќе девојки се запишуваат на технолошки науки, а има и голем број академии кои одлично ги промовираат опциите во индустријата пред младите девојки, но и пред жените кои размислуваат за преквалификација. Од друга страна, потребите за технолошки кадар во Македонија постојано се зголемуваат и вработувањето е релативно лесно за секој кој стекнал вештини во областа преку формална или неформална едукација“ изјави за Мета.мк, Катерина Трајчевска.

Следејќи го бројот на девојки кои секоја година се одлучуваат за студии во инженерство и компјутерски науки во споредба со другите факултети, Трајчевска смета дека ситуацијата кај нас е подобра од онаа во другите држави.

„За жал мислам дека тоа се должи на недостигот од просперитет во другите гранки, а не на реална желба за работа во ИТ, што не е вистинско решение на проблемот. ИТ индустријата насекаде во светот, па и тука, се соочува со недостиг на кадар. Токму затоа е одлично време за започнување на кариера во оваа област, а можностите за работа и напредок се далеку поголеми од било која друга индустрија“ додава таа.

Она што е клучен проблем кога станува збор за бројот на жени во индустријата смета Трајчевска, е перцепцијата на инженерството како машка професија и недостигот на информации за спротивното. Таа имала слично искуство кога одбирала насока за студии, и била на праг како што вели, да „залута“ во професија што веројатно не би и била соодветна, само поради недостигот на информација за сите можности кои и биле на располагање.

Во државата надвор од формалното образование, постојат многу организации кои одржуваат курсеви, но и годишни академии поврзани со студии од ИТ секторот. Дел од нив се и Brainster, и Code Academy, со кои Мета.мк разговараше на оваа тема. И двете организации децидни се дека речиси и да не постои родов јаз во нивните академии, односно жените се подеднакво заинтересирани за надоградување на знаењето преку академии од ИТ секторот.

Од Brainster велат дека сè поголем број жени му се приклучуваат на нивниот тим, како и во делот на предавачи, така и во останатите области. Уште од самиот почеток, на Академиите на Brainster забележале дека не само што не постои тн. родов јаз, напротив, таму каде што постоел, почесто бил во корист на жените.

Тимот на Brainster / Фото: Лична архива на Brainster

„На Академијата за дигитален маркетинг секогаш доминирале жените, на почетоците во сооднос 70-30% во корист на жените, во последните генерации односот се се приближува кон 60-40%. Кај Академијата за графички дизајн односот е исто така почесто натежнат кон студентките, иако не толку како кај маркетинг. Кај Академиите за програмирање постои приличен баланс, па ако првите години бројката на мажи беше поголема, сега веќе во речиси секоја генерација имаме избалансирани групи, посебно кај академиите за front-end програмирање. Балансот е стабилен и на Академијата за Data Science, веќе 4 групи, додека кај Академијата за софтвер тестери, во осумте досега формирани групи забележливо поголема е бројката на жени. Кај најновата академија за UX/UI дизајн првите две групи се прилично избалансирани, останува да видиме за понатаму“ вели за Мета.мк, Дарјан Раденковиќ од Brainster.

На ова се надоврзува и Маријана Иловска, HR Consultant & Manager во Code Academy, која вели дека родовиот јаз речиси и да не постои. Важни се пристапот кон работата и резултатите, а не припадноста на полот, смета Иловска.

Таа истакнува дека во последните години дефинитивно се зголемила заинтересираноста на жените за академиите и курсевите за програмирање кои ги нуди Code Academy.

Маријана Иловска, HR Consultant & Manager во Code Academy Фото: Code Academy

„Значително се зголемува и процентот на жени програмери во ИТ компаниите, односно во некои ИТ компании дефинитивно можам да кажам дека процентите би биле 40% жени 60% мажи што е одличен процент“ потенцира Иловска.

Анкетата на it.mk, спроведена минатата 2019 година каде учество земале вкупно 1.135 ИТ професионалци, од кои 856 во дејностите девелопмент и програмирање, ги покажува разликите во застапеноста на жените и мажите во секторот, вклучувајќи ја и разликата во платата.

Најголема е разликата кај програмерите, девелоперите и SYSAdmins, каде мажите се застапени со 80 отсто, а жените со 19 отсто. Слична е ситуацијата и кај дизајнерите, каде жени се само 27 отсто, а мажи 72 отсто. Скоро изедначени бројки има во гранката дигитален маркетинг, каде жени се повеќе (55 проценти) од мажи (44 проценти).

Освен тоа што професиите од ИТ секторот се високо платени за нашиот стандард на живеење, со себе ја носат и флексибилноста во однос на тоа да се работи од дома, што во услови на пандемија е голем плус. На прашањето што Мета.мк го упати до Академиите Brainster и Code Academy дали можеби овие фактори ќе бидат пресудни моменти поради кои ќе може да се очекува префрлања од други професии токму кон ИТ секторот, тие велат дека префрлањето се случувало „на големо“ уште пред пандемијата, а со неа само се забрзал процесот.

„Само низ нашите Академии изминатите 5 години поминаа над 3.000 луѓе во потрага по нова или подобра кариера во ИТ и дигиталните области, заедно со курсевите таа бројка е над 8.000. Дефинитивно пандемијата го забрза овој процес, па така, само оваа есен во Brainster се запишаа над 800 студенти“ вели Раденковиќ.

Илоска од Code Academy потенцира дека флексибилноста на работото време, можноста да се работи од дома, за да се има повеќе време кои реално една девојка, жена, мајка, сопруга ги има во едно секојдневие, како и намалениот ризик да се остане без работниот ангажман во случај на пандемија и други непредвидливи ситуации, дополнително ги мотивира жените да аплицираат на Академија и да одлучуваат да студираат ваков тип на технологии, независно дали ќе се одлучат за формално или неформално образование.

„Флексибилноста за работа од далечина дефинитвно ќе влијае на изборот, но во нашата средина веројатно уште долго време главни мотиватори ќе бидат работењето во покреативна и попрогресивна средина, можностите за кариерен напредок, градењето кариера отпорна на промените што ги носи иднината и се разбира финансискиот аспект, кој во ИТ и дигиталните индустрии сè уште останува далеку над просекот“ истакнува Раденковиќ.

Сепак, со појавата на корона вирусот и прогласувањето на пандемија, и овој сектор почувствува последици. Спреченост за посета на клиенти, значителен пад на перформансите на продажба, како и проблеми при обезбедување ресурси на производство, се едни од негативните влијанија кои МАСИТ ги истакнува во својата студија за ефектите врз ИКТ индустријата од вирусот.

Но несомненено е дека оваа индустрија која е носител на промени, и пред појавата на пандемијата беше запознаена со предностите, квалитетите и олеснувањата кои ги носи дигиталната трансформација и технологија. Се чини дека појавите на непредвидливи ситуации како пандемија на светско ниво, само ќе ја истакнат потребата од побрзо дигитализирање на општествата, со што и ќе се зголемува побарувачката за стручен кадар.

Инаку, минатата година Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Асоцијацијата за прогресивни комуникации во рамки на проектот на Метаморфозис „Унапредување, обликување и поддржување на слободите на интернет“ изработија документ за родово мапирање во сферата на ИК во Македонија.

Заклучоците од истражувањето се дека патријархалните општествени норми ги охрабруваат машките кон ИКТ, а недостатокот на жени-примери во оваа сфера дополнително ги туркаат жените кон помалку платени работни места во стопанството. Затоа како што се вели во документот, неопходна е промоција на ИК како професионални можности за девојки и жени. Со цел да се оснажат жените, дигиталните ИК програми мора да ги земат предвид бариерите при пристапот на жените.

—————————————————————————————————————————————————————————————————————————–

Оваа истражувачка сторија е изготвена како дел од проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА, ко-финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово).

Оваа истражувачка сторија е изготвена со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината од оваа истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондација Метаморфозис и авторот и на ниеден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.