Дали државните институции на Република Македонија го искористуваат потенцијалот на новите технологии за вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки? Ова е темата на студијата за јавни политики која ќе биде презентирана од страна на Фондацијата Метаморфозис на конференцијата која ќе се одржи на 17 јуни 2014 година (вторник), со почеток во 11:00 часот во просториите на ЕУ Инфо Центарот во Скопје.

Истражувањето на тема „Зголемување на употребата на веб-локациите gov.mk како алатки за транспарентност, отчетност и е-учество“, има за цел да го утврди тековното ниво на употреба на новите технологии од страна на државните институции на централно и локално ниво (gov.mk), односно можностите кои се понудени на граѓаните да се консултираат и влијаат на работата на државните институции преку интернет.

На конференцијата ќе говори г-а Тања Хафнер–Адеми, извршна директорка на Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БСЦДН) која како претставничка на донаторите ќе го претстави проектот и соработката, а потоа г. Бардил Јашари, директорот на Метаморфозис и проектната координаторка г-а Тамара Ресавска ќе ги запознаат присутните со методологијата и наодите на истражувањето, како и заклучоците и препораките, кои се во насока на искористување на целосниот потенцијал на новите технологии во овие области.

За присутните е обезбеден и превод на англиски и албански јазик.

Истражувањето е дел од меѓународната соработка потпомогната од Словачко-Балканскиот фонд за јавни политики, спроведуван од Балканската мрежа за развој на граѓанско општество и Фондацијата Понтис од Словачка.

Сподели: