Денес, 4 април, 2023 во хотелот Мериот во Скопје започна меѓународната конференција со наслов „Дигитална трансформација за граѓаните” во организација на Фондацијата Метаморфозис.

Фокусот на конференцијата се однесува на потребата од инклузивна дигитална трансформација, предводена од граѓаните и прилагодена на нивните потреби. Младите, исто така, претставуваат приоритет зашто се особено засегнати со дигиталната трансформација и неопходно е да станат дигитално компетентни и одговорни граѓани како идни лидери во општеството.

Настанот обединува претставници од институциите, граѓанското општество, медиумите, академијата, активистите за дигитални права, практичарите и граѓаните од Западен Балкан и Европа, овозможувајќи им да дебатираат за предизвиците кон дигиталната трансформација, а низ призмата на паметното е-владеење, дигиталниот јаз, приватноста, вештачката интелигенција, сајбер отпорноста и хибридното војување.

Конференцијата ја отворија Славица Грковска, вицепремиерка за политики за добро владеење, Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација, како и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис.

„Дигиталната трансформација е општествен процес, не е политички. Важно е сите учесници кои имаат сериозна улога во комплетната трансформација на нашето општество во дигитално општество, да бидат свесни за обврските што ги имаат. Ако сакаме да сме поефикасни, мора да го фатиме чекорот со поразвиените земји“, рече Грковска.

Министерот за информатичко општество, Азир Алиу, во своето обраќање пред присутните истакна дека дигитализацијата е сегашноста и иднината, мислејќи на реформите и напредокот на Северна Македонија во оваа насока.

„Имаме и стратегија за сајбер безбедност, која треба да ги штити граѓаните. Има форми за информирање на граѓаните, кои ќе знаат како да се справат со дигиталните процедури. Ако како корисник не знам како да се заштитам од сајбер напади, тогаш се е безвредно. Потребно е институциите да бидат поотворени за соработка, да има интероперабилност. Менталитетот е тој кој треба да го менуваме“, рече министерот.

Извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари, посочи дека Фондацијата Метаморфозис секогаш ги става граѓаните на прво место во која било активност кој е наменета за воведување дигитална трансформација на процесите.

„Предизвик претставува дигиталниот јаз во однос на вештините. Сите во општеството треба да ги имаат потребните вештини за да ги користат услугите кои Владата им ги нуди. Уште еден предизвик е отпорот кон промена. Овде мислам на отпор во повеќе нивоа. Најпрво, овде е стравот од промена кој некогаш е базиран на страв дека вештачката интелигенција ќе ни ги земе работните места, но и отпорот на институциите да интегрираат нови техниологии“, посочи Јашари.

Во текот на утрешниот ден (5 април, 2023, 10.00 часот), конференцијата ќе продолжи со панелот со наслов „Како да се изгради отпорност на хибридна војна?“. Дискусијата ќе се насочи кон справувањето со хибридната војна која директно ги поткопува обидите за дигитална трансформација на Западен Балкан, бидејќи сајбер нападите ја саботираат владината ИКТ-структура, додека кампањите со дезинформации ги експлоатираат и продлабочуваат постојните поделби и сеат страв кај граѓаните, влевајќи недоверба во демократските институции.

Следниот панел, еден час подоцна, носи наслов „Заштита на приватноста во свет што го движи ВИ“. Темата на овој панел се однесува на можностите за напредок во користењето на вештачката интелигенција во секоја општествена сфера, сепак не треба да навлегува во нашата приватност, да го наруши нашето достоинство или да ги поткопа нашите слободи. Оваа сесија ќе собере практичари и активисти кои се занимаваат со ВИ за да дискутираат за нејзината постојна употреба во јавниот сектор во регионот и во Европа.

Во 12.30 часот ќе започне панелот со наслов „Градење заедници отпорни на сајбер напади“, кој ќе говори за сајбер безбедноста, која претставува многу повеќе од само комплициран технолошки предизвик и која бара да се изгради култура која се темели на високо ниво на свесност и подготвеност на сите чинители во општеството, вклучувајќи ги и компетенциите за управување со сајбер ризици за да го заштитиме својот начин на живот и да продолжиме да ги користиме придобивките од дигиталната трансформација.

Во вечерните часови (18.30 часот, во „Јавна соба“), кои се резервирани за теми посветени на младите, ќе се одржи дискусијата соп наслов „Мрачната страна ан социјалните медиуми – коегзистирање со доброто и злото“, ќе се дебатира за поставувањето граници и можностите за коегзистирање со предностите и предизвиците на социјалните платформи.

Конференцијата e организирана во хибриден формат. Дел од учесниците физички присуствуваат на настанот, а останатите ги следат сесиите онлајн, преку платформата Зум и Фејсбук лајв. Конференцијата е организирана во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија. Агендата за конференцијата може да ја најдете тука, а онлајн можете да ја следите овде.

Слики од првиот ден може да најдете тука.

Photo credits: Ванчо Џамбаски

Сподели: