Потребно е да се зајакне транспарентноста и надзорот на платеното политичко рекламирање во онлајн медиумите за време на предизборната кампања. Ова е основната премиса од која што започна имплементацијата на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“, кој го имплементираа Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) заедно со Метаморфозис Фондација. А како кулминација на спроведувањето на активностите во проектот, на 4 и 5 март 2025 година, во Скопје, се одржа меѓународната конференција „Кликови, пари и влијание: улогите и одговорностите на онлајн медиумите во изборите“.

Јоана Козма, директорката на Канцеларијата на ИФЕС во Северна Македонија, во своето воведно обраќање истакна дека целта на овој настан е да се олесни размената на меѓународните добри практики и регулативи за надзор на политичките кампањи и онлајн медиумите во текот на изборите, како и да се види, дали некои од тие практики може да се вклучи во националната практика и во правната рамка.

Во својот поздравен говор извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари, истакна дека при спроведувањето беа идентификувани критичните празнини и слабости од политичкото платено рекламирање кај онлајн медиумите за време на предизборната кампања за парламентарните избори.

Во рамките на сесијата „Одбројување до изборите во Северна Македонија: Како да се зајакне транспарентноста и надзорот на платеното политичко рекламирање за време на медиумската кампања, вклучително и на интернет порталите?“, имаше дискусија за можните начини на подобрување на надгледувањето, известувањето и транспарентноста на интернет порталите за време на изборите – осврт на тековните регулаторни, етички и практични предизвици по однос на идните избори.

Максим Ацевски, главен државен ревизор во Државниот завод за ревизија, истакна дека институцијата троши драгоцени човечки ресурси и пари кога станува збор за следење на изборен процес, кој, целокупен сектор составен од овластени ревизори континуирано го следат.

„Со години кажуваме дека има потреба од измена на Изборниот законик, кој го носат политичките актери, без да се консултираат со нас“, истакна Ацевски. Според него, потребно е уредување на оваа област посебно во делот на интернет порталите, во насока да се пропишат критериуми за распределба на средства, како и да се доуреди делот на казнената политика.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, во своето излагање повтори дека АВМУ смета оти не треба да има платено политичко рекламирање од државниот буџет. Тој зборуваше и за тенденцијата на пренасочување на изборните кампањи на социјалните мрежи. Кажа дека за време на претседателските избори, забележливо било дека носителите на јавни функции и кандидати, своите Фејсбук профили ги користеле за отворено вршење на кампањата, со преноси во живо, нивни говори, фотографии, видеа од средби со граѓани.

„Така тие мобилизираа поголем број поддржувачи и добиваа повеќе гледачи. Водењето кампања на социјални мрежи кај нас воопшто не е регулирано“, додаде Трајчевски.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на настанот истакна дека ова министерство презело една од надлежностите кои се однесуваат на политики од областа на медиумите.

„Порталите се во многу поголем број во споредба со традиционалните медиуми, иако голем број од нив се фантомски. Во напредна фаза е подготовката на законот за медиуми, кој очекувам дека на владина седница ќе биде наскоро, а потоа и на Собрание“, кажа министерот.

Вториот ден на конференцијата го отвори заменик-амбасадорот на Британската амбасада во Скопје, Даниел Филер, со почесен говор.

„Важно е да се извлечат поуки од секој изборен циклус како следен чекор за подобрување на интегритетот на идните избори. Проектот „Пари, медиуми и избори“, финансиран од Обединетото Кралство, обезбедува докази и предлози за подобрен надзор на јавните трошења во онлајн изборната кампања и улогата на медиумите во обликувањето на јавниот дискурс“ – истакна Филер.

Следуваше сесијата „Надгледување на платени политички реклами: институционалните улоги и променливите услови во динамичната дигитална ера“, во која беше дискутирано за националните и меѓународните практики (и предизвици) во надгледувањето на платеното политичко рекламирање и обезбедување усогласеност, особено по однос на онлајн кампањата за време на изборите. Говорници беа Емилија Јаневска, раководител на Секторот за програмски работи на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Магнус Оман, директор на Регионалната канцеларија на ИФЕС за Европа и виш советник за политичко финансирање и Ноеми Арчидиаконо од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР). Сесијата ја модерираше Данче Даниловска-Бајдевска, програмската директорка во Метаморфозис Фондација.

Во последната сесија на конференцијата „Алатки и методологии за етичко следење и известување на онлајн медиумите“, говорниците Сем Пауер, меѓународен експерт за политичко и партиско финансирање, Универзитет во Бристол и Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, се осврнаа на примената на алатки и методологии за следење и известување за активностите на онлајн медиумите за време на изборите. Сесијата отвори дискусија за добрите практики, технолошките решенија (вклучувајќи употреба на ВИ) и регулаторни пристапи за да се обезбеди транспарентност, отчетност и точност во надзорот на дигиталните медиуми. Модератор на сесијата беше Златко Симоновски од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС).

Преку 70 учесници и 12 говорници присутни на дводневната конференција „Кликови, пари и влијание: улогите и одговорностите на онлајн медиумите во изборите“ дискутираа за начините како онлајн порталите за време на избори и во време на пораст на дигиталните кампањи и нивното влијание може да придонесат кон етично и праведно известување за кандидатите и партиите кои учествуваат во изборите, а произлегоа следниве заклучоци:

  • Нема конкретни закони кои го регулираат политичкото рекламирање онлајн, па оттаму потребата од законско регулирање на оваа област преку давање надлежности на дадена институција или тело.
  • Додека се дојде до конкретни законски решенија, пожелно е утврдување механизми за спроведување и следење на штетни содржини преку соработка со граѓански организации и дигитални алатки.
  • Итно се потребни критериуми кои ќе гарантираат дека државните пари за изборни кампањи ќе завршат кај кредибилни портали.

Постојат добри меѓународни практики кои може да помогнат во регулирањето на работата на онлајн порталите и воопшто финансирањето и известувањето за потрошените пари во изборните кампањи, вклучително и алатки со вештачка интелегенција.

  • Треба да се внимава и на сопствеништвото на онлајн порталите бидејќи неретко истото може да открие невидлива спрега помеѓу партиите и фаворизирачката содржина која се пласира.

Конференцијата „Кликови, пари и влијание: улогите и одговорностите на онлајн медиумите во изборите“ е организирана во рамките на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“ финансиран од Владата на Велика Британија со поддршка на Британската амбасада Скопје.

 

Сподели: