Фото: Фисник Џелили/Порталб

Дигитализацијата е сегашноста и иднината, имајќи ги предвид реформите и напредокот на Албанија во оваа насока, колку побрзо државите ги дигитализираат своите јавни услуги, толку подобро и полесно е за граѓаните да ги добијат. Со оваа форма, исто така, се намалува и корупцијата.

Ова беше главниот заклучок на граѓанските организации во регионалниот дијалог за Дигиталната агенда во Тирана, со фокус на предизвиците, капацитетите, подготвеноста на институциите за онлајн услуги. Настанот го организираа Фондацијата Метаморфозис во соработка со движењето „Мјафт“(Доста е) од Албанија, во рамки на проектот „Зголемување на учеството на граѓаните во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“, пишува Порталб.мк.

Дигиталната револуција во Албанија, која започна во 2013 година, е една од ретките реформи што се одвиваат добро, но кои воопшто не беа лесни за институциите и граѓанските организации, истакна во својата презентација Ромина Костани, директорка за иновации на владините ИПА програми од Националната агенција за информатичко општество.

Таа вели дека самиот резултат покажува дека земјата постигнала напредок во оваа насока, имајќи го во предвид фактот дека во 2013 година Албанија имала само 14 електронски услуги, додека денес има 1.225. Според неа, до ваков резултат се доаѓа кога лидерите се посветени да работат во таа насока.

„Главниот двигател на дигиталната трансформација беше самиот премиер; тој беше многу заинтересиран за дигитализација насекаде во јавната администрација, ова е важно затоа што лидерите се тие што всушност ја водат дигиталната трансформација“, рече Костани.

Албанија досега има дигитализирано 95% од јавните услуги, при што од 2017 година имало 27 милиони онлајн апликации.

Костани ја нагласи оптимизацијата во односот време наспроти трошоци за дигитализација, при што само за периодот 2020-2022 година се заштедени 9 милиони евра и 990 години чекање во ред, земајќи како одредница 15 минути чекање на еден граѓанин за да добие услуга.

Албанија ја создаде и Дигиталната агенда за периодот 2022-26, која чинеше приближно 250 милиони евра и се заснова на четири столба: дигитално управување, дигитален бизнис, дигитални граѓани, а исто така и дигитално образование и дигитални вештини.

Сепак, како што нагласи Костани, предизвикот во оваа насока продолжува, па постојано се работи – има многу сајбер напади, но сепак се реагира навреме.

Учесниците и партнерските организации ги споделија искуствата од своите земји и истакнаа дека преку вакви настани и дискусии може да се пренесат најдобрите практики во земјите од регионот и сите да чекориме напред кон дигитализацијата и иднината.

Тие, исто така, ја истакнаа важноста од вклучување на граѓаните во процесот на креирање политики во дигиталната сфера.

Од Северна Македонија, во дискусијата учествуваа Мила Јосифовска – Даниловска од Фондацијата Метаморфозис, Фисник Џелили од Порталб.мк, Кристина Петровска од Дирекцијата за управување со матични книги и Лилјана Јоноски од Рурална Коалиција.

Настанот послужи како простор за дискусија за електронските јавни услуги што се нудат во регионот на Западен Балкан, предизвиците за целосна транзиција од шалтери кон обезбедување онлајн услуги, капацитетите, подготвеноста и практиката на јавните институции да обезбедуваат онлајн јавни услуги.

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведуваат Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-Влада (Естонија), Движењето Мјафт! (Доста) (Албанија), Партнери за демократски промени (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Open Data Kosovo (Отворени податоци Косово) (Косово). Проектот се реализира со финансиска поддршка на Европската Унија.

Линк до оргиналот: https://meta.mk/konferencija-na-iceda-mora-da-se-zabrza-procesot-na-digitalizacija-na-javnite-uslugi/

Сподели: