Фото: Фисник Џелили, Порталб.мк

Владата на Косово на вчерашната седница го усвои Националниот акциски план (НАП) за Отворено владино партнерство (ОВП) за периодот 2023-2025 година. Ова го соопшти Кабинетот на премиерот на Косово, за време на дискусијата на граѓанските организации од Западен Балкан, кои учествуваат во проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“, од кој дел е и Фондацијата Метаморфозис. Тие се состанаа вчера и завчера во Приштина, каде што разговараа за спроведувањето на дигиталната трансформација преку Отвореното владино партнерство, пишува Порталб.мк.

За време на дискусијата, претставник од Кабинетот на премиерот на Косово со присутните ја сподели информацијата дека и Косово го усвоило Националниот акциски план, со што им се приклучи на другите соседни земји кои веќе усвоиле таков план – Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и Србија.

Како што соопшти претставникот на Кабинетот на премиерот, овој план ќе се заснова на четири столба: дигитално владеење, отворени податоци, граѓанско учество и антикорупција.

Инаку, и Владата на Косово ја објави оваа информација на својата официјална веб-страница.

„Усвоен е Националниот акциски план 2023-2025 за Отворено владино партнерство. Заложбите на Националниот акциски план се: Дигитално владеење; Отворени податоци; Граѓанско учество; и Антикорупција. Отвореното владино партнерство како документ ги содржи владините политики за подобрување на јавните услуги, зголемување на транспарентноста, отчетноста и ефикасноста на јавната администрација“, соопштија од Косовската влада.

 

Што претставува Отвореното владино партнерство (ОВП)?

Како глобална иницијатива, Отвореното владино партнерство (ОВП) е широко партнерство составено од ентитети на национално и локално ниво кои работат заедно за да креираат акциски планови со конкретни чекори – заложби – за широк опсег на прашања. Од 2011 година, идејата на ОВП е дека отворената влада е подостапна, поодговорна и поотчетна кон граѓаните, и дека подобрувањето на односите меѓу луѓето и нивната влада има долгорочни, експоненцијални придобивки за секого.

Работејќи во поширок контекст на демократско назадување, затворање на граѓанскиот простор и подем на авторитарната и популистичката политика, ова зрело партнерство со 78 членки составени од сѐ поголем број локални власти и илјадници учесници од граѓанското општество, овозможи над 4.000 отворени владини реформи, од кои значителен дел покажаа големо влијание.

Меѓу националните членки на оваа иницијатива се и владите на Западен Балкан, имено Албанија (2011), Босна и Херцеговина (2014), Црна Гора (2011), Северна Македонија (2011) и Србија (2012).

Со помал или поголем фокус, особено за оние планови кои беа развиени за време на почетоците на пандемијата на ковид-19, владите на Западен Балкан ги подготвија своите НАП со дигитализација во различни сектори, поставени како приоритет.

Инаку, проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ICEDA“ се имплементира од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-владеење (Естонија), Движењето Мјафт! (Албанија), Партнери за демократски промени (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ОDК – Open Data Kosovo (Косово). Проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, и истиот промовира подобри дигитални услуги во регионот на Западен Балкан.

Линк до оргиналниот текст: Косово го усвои Националниот акциски план 2023-2025 за Отворено владино партнерство | Meta.mk

Сподели: