Наспроти различните мислења за решавање на некои од горливите прашања на Самитот, како промената на организацијата на системот за владеење со интернет или слободата на говор, учесниците изразија согласност околу ставот дека ИКТ е интегрален дел и предуслов на развојот.

Република Македонија немаше свој штанд на Светскиот самит за информатичко општество, за разлика од скоро сите земји од соседството, особено Бугарија, Романија и Хрватска, кои ги промовираа не само своите постигнувања од областа на ИКТ туку и туристичката понуда на нивната земја. Земјите од ЕУ беа претставени и со свои штандови и преку заедничкиот штанд на ЕУ, и сите организираа настани да го привлечат вниманието на посетителите. Голем број на НВО исто така беа особено застапени, дел со посебни штандови,  а дел во рамките на штандовите на своите држави. Тие беа посочени од сите говорници, и од владиниот и од приватниот сектор како битен партнер во изградбата на информатичкото општество.

Македонија во официјалниот дел на највисоко ниво беше претставена од министерот за транспорт и врски, г. Џемали Мехази, кој имаше и свое обраќање на пленарната седница, како и низа билатерални средби со негови колеги. Во склоп на седумчлената државна делегација беа и претседателот на Комисијата за информатичка технологија, Јани Макрадули, директорот на Агенцијата за електронски телекомуникации, Коста Трпковски, раководителот на секторот во Министерството за транспорт и врски, Димитар Буковалов, и Јани Богоевски од МНР.

Бардил Јашари, директор на фондацијата Метаморфозис изјави:

– Самитот беше првата можност, по усвојувањето на Стратегијата за информатичко општество, нашата држава пред светот да ја покаже својата посветеност во неговата изградба. За жал, тоа не се направи на соодветен начин. Сепак, неколку меѓународни организации и донатори присутни во Македонија преку претставување на своите проекти во Македонија придонесоа во промоцијата на нашата земја.

Филип Стојановски, фондација Метаморфозис:

– Беспрекорната техничка и логистичка организација на Самитот укажува на сериозноста со која Тунис како држава ја има сфатено и обврската, но и можноста за оставање добар впечаток пред светската јавност, наспроти замерките за репресивност на домашен план. Според бразилскиот министер за култура, Жилберто Жил, Грција најавила кандидатура за организирање на наредниот Светски самит кај нив, што укажува на привлечноста на информатичкото општество како средство за промоција и лобирање.

Зоран Јаневски, УНДП (член на Работната група за Националната  Стратегија за информатичко општество):

– Настанот има огромно значење во глобални рамки и Македонија беше апострофирана како позитивен пример од страна на УНДП – во однос на креирањето на Националната стратегија која високо се рангира во однос на 27 држави од централна и источна Европа и бившиот Советски сојуз. На оваа сесија на саемот исто така повторно беше ставен акцент на промовирањето на партнерства од секаков вид (јавен, приватен, владин, невладин сектор) и нивните резултати.

Мери Кучера Илиевска, МАСИТ (членка на Работната група за Националната  Стратегија за информатичко општество):

– При изработката на Националната стратегија ги земавме предвид искуствата од поразвиените земји. На Самитот увидовме дека има што да се научи и од позитивните примери на оние земји за кои кај нас се смета дека се неразвиени, но кои го согледале значењето на информатичкото општество и ги применуваат неговите придобивки.

Сподели: