На покана на Данес је нов дан, Фондација Метаморфозис беше дел од панелистите на првата Конференција за дигитален суверенитет којашто се одржа во Љубљана, Словенија од 24 до 26 октомври, 2023. Фокус на конференцијата беше трансформативната моќ на активното и ангажирано граѓанско општество. Од инспиративни правни битки и активистички кампањи до инженерски откритија, настанот истражуваше алтернативни начини за размислување за идејата за технолошки напредок. Водени од констелација на волшебни гласови, намерата беше да се преобликува дискурсот и да се редефинира наративот, придвижувајќи го нашиот регион кон авангардата на глобалното движење за дигитален суверенитет.
Ивор: Објава на официјалната Твитер страна на претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар
Учеството на Метаморфозис и ИЦЕДА беше поддржано од програмата за стипендирање на регионалните амбасади на Кралството Холандија, која беше доделена на Мила Јосифовска Даниловска, програмски менаџер за општествена одговорност и човекови права онлајн при Фондација Метаморфозис.
Преку нејзиното учество како панелист, таа придонесе кон просторот на заедницата ДИСКО кадешто избрани активисти и практичари ги презентираа своите иницијативи и овозможуваа дискусии за да поттикнат акција и да ја изградат заедницата околу дигиталниот суверенитет. Заедно со Крис Шришак (Ирски совет за граѓански слободи) и Јан Аинали (Фондација за јавен код), Јосифовска Даниловска го зазема просторот за Политики и политика на технологијата. Од регулирање на технологијата на ниво на ЕУ до локални иницијативи за граѓанска вклученост до важноста на соработката за постигнување дигитален суверенитет, овој панел ја истакна комплексноста на управување со технологијата. Присутните учесници се приклучија на овој панел на раскрсниците на политиката, политиките и технологијата.
Слика: Тине Ержен
Презентацијата на Јосифовска Даниловска се фокусираше на споделување на искуствата и добрите практики, како и предизвиците стекнати преку иницијативата Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA, проект и мрежа финансирани од ЕУ која се фокусираше на зголемување на граѓанската вклученост во обликувањето и спроведувањето на Дигиталната агенда на Западен Балкан или поточно во Албанија, Косово, Северна Македонија, Србија и Црна Гора.
Слика: Тине Ержен
Зборувајќи за идејата зад ИЦЕДА и за самата Дигитална агенда, таа сподели: „Отсуството на оваа тема од јавниот дискурс беше затоа што институциите не ги комуницираа активностите поврзани со Дигиталната агенда редовно и на јазик што е разбирлив за граѓаните, повеќето медиуми во регионот не беа ниту заинтересирани ниту способни да ги покријат прашањата за е-влада и дигиталните права, граѓанските организации немаа капацитети да ги разберат и максимално да ги искористат можностите што произлегуваат од употребата на дигиталните технологии и да се справат со ризиците и предизвиците што се појавуваат, па така граѓаните останаа збунети, загрижени или несвесни за нивната безбедност на интернет и често потпаѓаа на едноставни сајбер измами или решаваа сепак на шалтер да ги користат јавните услуги. Со оглед на тоа дека дигиталната трансформација е скап процес, ако не се користат е-услугите, тогаш таа инвестиција е само “јавни пари фрлени во вода”.
Затоа проектот ИЦЕДА работеше на зголемување на граѓанското учество во промоцијата, обликувањето и имплементацијата на Дигиталната агенда во согласност со потребите на граѓаните, или со други зборови, работеше на искористување на потенцијалот на граѓанскиот сектор за влијание врз дигиталните случувања во корист на граѓаните. ”
Според релевантните чинители, но и надворешниот мониторинг и евалуација кои беа спроведени од експерт за оваа иницијатива, ИЦЕДА се покажа дека има пионерска улога во однос на вклученоста на граѓанскиот сектор во Дигиталната агенда. Уште една причина зошто Метаморфозис да го споделува ова искуство со публиката од регионот и пошироко.
Таа заврши велејќи дека ова е само дел од она што ИЦЕДА го направи во изминатите три години преку оваа иницијатива, но дека ефектите се гледаат на долг рок, а дел од влијанието дури сега се развива. „Затоа постојано велиме дека ваквите иницијативи не можат да се направат за неколку месеци, па дури и само една година, туку дека има потреба од континуиран и системски пристап за справување со предизвиците и што е најважно за обликување на свеста на граѓаните.” – заклучи таа.
Слика: Тине Ержен
Повеќе информации за конференцијата може да се најдат тука.
Сподели: