Фото: Фактограф.хр

Фондацијата Метаморфозис, како членка на Европската мрежа за стандарди при проверката на факти (EFCSN), и на Меѓународната мрежа за проверка на факти (IFCN) се приклучува на осудите на нападот на новинарката на Фактограф од Хрватска и изразува целосна солидарност со колегите новинари и проверувачи на факти. Кон осудите се приклучуваат и редакциите на сервисот за проверка на факти Вистиномер, новинската агенција Мета.мк и порталот за вести на албански јазик PortAlb.mk.

Како што соопштија самите Фактограф, новинарката Мелита Врсаљко која работи за како проверувач на факти и која пишува за Климатскиот портал на Фактограф, е физички нападната додека извршувала професионална задача. Таа работела на документарен филм на тема климатски промени, во градот Недин во близина на Задар. Најпрво новинарката била нападната од страна на повозрасно лице додека заедно со снимателот поминувале покрај дива депонија која се формирала неодамна. Подоцна, таа била нападната уште еднаш, овој пат во својот дом во истиот град. Како што пишува Фактограф, ја нападнала ќерката на повозрасниот господин, која уште на влезната врата почнала да ја удира и се обидела да ѝ го одземе мобилниот телефон.

Повеќе детали за нападот може да се прочитаат на веб-страницата на Фактограф.

Европската мрежа за стандарди при проверката на факти веднаш излезе со соопштение за медиумите во кое остро го осуди нападот.

„Со години наназад Фактограф е цел на закани со насилство. Нашите новинари се предмет на вознемирување и напади, но овој физички напад на Мелита Врсаљко во нејзиниот сопствен дом претставува невидена и застрашувачка ескалација на насилството. Таа е наградувана новинарка и режисерка, вреден и чесен работник, целосно посветена на јавноста да ѝ обезбеди најквалитетно новинарство. Фактограф ќе ѝ ја понуди на Мелита нашата сесрдна поддршка и ве повикуваме да ни се придружите во осудата на овој ужасен чин“, рече Ана Бракус, ко-основач и извршен директор на Фактограф.

Како што посочија од ЕФЦСН, за жал, овој инцидент е дел од загрижувачкиот тренд на закани и малтретирање насочено кон проверувачите на факти на светскониво. Во Хрватска, Фактограф се соочувал со вакви закани и вознемирувања во минатото, но никогаш со физичко насилство, поради што овој инцидент е многу загрижувачки.

„Исклучително важно е да се посветиме на ова прашање целата сериозност што ја заслужува. Проверувачите на факти играат клучна улога во заштитата на јавниот дискурс обезбедувајќи точни информации за граѓаните. Ги повикуваме сите засегнати страни да ги поддржат и заштитат проверувачите на факти додека тие ја продолжуваат својата витална мисија соочени со неволји“, соопшти ЕФЦСН.

Метаморфозис ги повикува хрватските државни институции експедитивно и недвосмилено да го истражат нападот на новинарите на Фактограф на кои им е потребна заштита од вакви напади бидејќи проверувачите на факти кои ги адресираат клучните прашања што ги засегаат нашите општества.

Новинарите и вработените во Фондацијата Метаморфозис на повеќе наврати во минатото исто така беа цел на кампања за оцрнување. Оваа кампања трае повеќе години наназад, а последниот напад се случи кон средината на февруари годинава. Нападот, како и сите останати претходно, беше уредно пријавен во МВР и обвинителството, но за жал надлежните не преземаа чекори за негово расветлување.

 

Сподели: