Денес, 19-ти јуни 2025 година, Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на Собранието на Република Северна Македонија, ја одржа својата 35-та седница. На седницата се одржа јавна расправа на тема „Реформски пакет на Предлог закони за дигитална трансформација на Република Северна Македонија“, и се разгледаа и дискутираа следниве предлог закони: Предлог на закон за електронските комуникации; Предлог на закон за безбедност на мрежни и информациски системи; Предлог на закон за архивски материјал и архивска дејност; и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

На јавната расправа, покрај членовите и замениците членови на Комисијата, пратеници, Министерот за дигитална транформација, и претставници на ресорни министерства, агенции, органи во состав и претставници на бизнис и академските заедници, присуствуваа и претставници на граѓанското општество. Филип Стојановски, директор за партнерство и развој, и Маријана Јанческа – Угарковиќ, проектен менаџер, ги претставија препораките и сугестиите на Фондација Метаморфозис, а во однос на дискутираните закони.

Во своето обраќање, г-ѓа Јанческа – Угарковиќ, истакна дека Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис го поддржува процесот на донесување на пакетот од четири закони и ја поздравува иницијативата на Парламентот да ги вклучи и граѓанските организации во процесот на структурирани дискусии за подобрување на нацрт текстот на предложените закони.

Во своето обраќање, Јанческа нагласи дека е важно сите предвидени законски решенија да бидат усогласени со европските регулативи, но и да бидат прилагодени на локалниот контекст за да одговорат на реалните предизвици на граѓаните, институциите и приватниот сектор. Се укажа и на потребата од јасни обврски за спроведување на безбедносни мерки од страна на институциите, транспарентност во обработката на чувствителни информации, отчетност на давателите на услуги и интероперабилност на техничките решенија.

Фондација Метаморфозис смета дека дигиталната трансформација не е само технолошка алатка, туку предуслов за ефикасна, транспарентна и одговорна администрација. За таа цел, неопходно е системско вклучување на граѓанските организации и експертите во сите фази на реформите – од дизајн до евалуација – како и инвестирање во капацитетите на јавната администрација и промовирање на дигиталната писменост кај сите категории на граѓани.

Сподели: