Во рамките на проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“, кој има за цел унапредување на стандардите за дигитални права и поддршка на интеграцијата на регионот во единствениот дигитален пазар, на 22 мај 2025 година, Фондацијата Метаморфозис организираше работна средба со надлежните институции на тема „Импликации од Законот за дигитални услуги на ЕУ врз граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија“.

Средбата се одржа во просториите на Фондацијата Метаморфозис во Скопје и собра претставници на Министерството за дигитална трансформација, Министерството за економија, Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за заштита на лични податоци.

Настанот го отвори Данче Даниловска-Бајдевска, програмска директорка во Фондација Метаморфозис, која истакна дека во рамките на заложбите на Метаморфозис за одговорна дигиталната трансформација, препознавме дека е неопходно и важно усогласувањето со Законот за дигитални услуги на ЕУ, и покрај тоа што Северна Македонија не е членка на Европската Унија, преку еден процес на вклучување на сите засегнати страни – институции, граѓански организации, медиуми и бизнис сектор, од причина што тоа е клучен чекор за унапредување на заштитата на корисниците и транспарентноста на онлајн просторот. Таа го поздрави прифаќањето на иницијативата на Метаморфозис за усогласување на нашето законодавство со Законот за дигитални услуги на ЕУ од страна на Министерството за дигитална трансформација и вклучувањето во Програмата за работа на Владата за 2025 година.

Потоа, во воведната сесија, проф. д-р Елизабета Тошева даде преглед на основите на Законот за дигитални услуги на ЕУ (Digital Service Act – DSA) и неговите главни принципи на транспарентност, одговорност и заштита на корисниците, како и неговото влијание врз слободата на изразување и дигиталните права.

А во продолжение, проф. д-р Ана Секуловска Ј. ги претстави клучните наоди од истражувањето за импликациите од Законот за дигитални услуги на ЕУ врз граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија, со посебен фокус на предизвиците и ризиците врзани со дигиталните платформи, доверливите пријавувачи и алгоритамското модерирање.

На крајот на средбата имаше плодна дискусија и беа отворени неколку клучни прашања поврзани со идната имплементација на Законот за дигитални услуги на ЕУ во националниот контекст. Присутните разговараа за тоа која институција или тело би било најлогично да ја преземе улогата на национален Координатор за дигитални услуги, како и за критериумите и капацитетите потребни за назначување на таканаречените Trusted Flaggers („доверливи пријавувачи“).

Фондацијата Метаморфозис ќе продолжи со организирање на вакви средби и во иднина, поттикнувајќи дијалог и соработка меѓу институциите и граѓанското општество. Сите засегнати страни се охрабрени да дадат свој придонес во овој важен процес на креирање одржлив, инклузивен и транспарентен дигитален екосистем.

Истражувањето „Импликации од Законот за дигитални услуги на ЕУ на граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија“, спроведено во рамките на проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“, е достапно на следниот линк.

 

Проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“ е финансиран од Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, а го спроведуваат Партнери Србија (Србија), Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), Зошто не? (Босна и Херцеговина), НВО 35 mm (Црна Гора), Women in TechKosovo (Косово) и Институт за демократија и медијација (Албанија).

Сподели: