Во петок, на 2. април новинарите и активистите низ целиот свет по петти пат го одбележуваат Меѓународниот ден на проверка на фактите инициран од Меѓународната мрежа за проверка на факти, чија членка од Северна Македонија е Фондацијата „Метаморфозис“.

По тој повод проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк” кој го спроведуваат „Метаморфозис“ и „Евротинк“ со поддршка од Европската Унија упатува јавна покана на панел-дискусијата посветена на проверката на факти како средство за унапредување на медиумската писменост, која ќе се одржи онлајн на 02.04.2021 г. со почеток од 12.00 ч и ќе се емитува во живо на Фејсбук-страницата на КриТинк.

Во едночасовната панел-дискусија воведен збор ќе даде Бардил Јашари, извршен директор на Фондација Метаморфозис а за сите аспекти врзани со проверката на факти ќе дебатираат:

Филип Стојановски, раководител на проектот КриТинк,
Владимир Петрески, уредник за проверка на факти на македонски јазик и главен уредник на Вистиномер,
Елида Зулбеари, уредничка за проверка на факти на албански јазик и главна уредничка на Порталб.мк.
По воведните излагања со кои ќе бидат пренесени домашните и меѓународните искуства, гледачите на настанот ќе имаат прилика за учество во отворена дискусија со панелистите.

Меѓународниот ден за проверка на факти се одбележува од 2017 година од страна Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact-Checking Network) во соработка со над стотина организации низ целиот свет кои вршат проверка на факти. 2. април беше одбран како антипод на 1. април – денот на лагата.

Како одговор на напливот дезинформации поврзан со пандемијата ковид-19, годинешното мото е „проверката на факти може да спаси животи и ги поддржувам проверувачите на факти“ (Fact-checking can save lives and I support fact-checkers).

Истиот ден, членките на мрежата организираат голем број на јавни настани ширум светот со единствена цел да се истакне важноста на борбата против дезинформации, како и повеќе факти во јавното здравство, новинарството и секојдневниот живот.

Повеќе информации за овие активности се објавени на сајтот https://FactCheckingDay.com и преку хаштагот #FactcheckingDay.

Проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис во партнерство со Евротинк. Проектот е финансиран од Европската Унија.

Сподели: