Обуката ја спроведе Сели-Џин Шеклетон, извршен директор на феминистичката организација Women’s Net во Јужноафриканската Република, чија моментална страст е дигиталното раскажување приказни, засилувањето на гласовите и користењето на информатичките и комуникациските технологии како алатка за постигнување промени во општеството.

Темата на одржаната обука беше „Јас и ИКТ“, но и покрај тоа, во процесот беа создадени дигитални приказни со различни тематики. Сепак, сите имаа заедничка нишка која можеше да се види од личниот однос кон темата, искрениот пристап и обраќањето во прво лице еднина. Тоа всушност и ги одликува дигиталните приказни и ги прави различни од останатите форми на изразување со помош на различните технологии. Раскажувањето дигитални приказни всушност  им овозможува на луѓето кои немаат високи технички знаења да споделуваат значајни приказни од нивните животи, притоа користејќи скромни технолошки ресурси. Производот е најчесто краток филм кој содржи наративен дел, проследен со фотографии и музика.

Обуката се состоеше од предавања за дигитално раскажување приказни, како форма и процес во кој учесниците треба да почувствуваат трансформација, потоа се подготвуваа личните приказни во пишана форма, се набавуваше потребниот материјал, графички се обработуваа планираните слики и фотографии, се снимаше и обработуваше аудио делот од приказните и на крајот сето тоа се пакуваше во единствено видео парче со времетраење 2-5 минути. Секој учесник на крајот од обуката остави по една дигитална приказна зад себе. Обуката имаше за цел да ги оспособи учесниците за држење обуки за дигитално раскажување приказни. Затоа, последните денови беа во насока на градење мрежа која ќе работи на дигиталното раскажување приказни во својот регион.

Од Македонија, учество на обуката зедоа две претставнички од фондацијата Метаморфозис: Ирина Шумадиева и Елена Игнатова. Како член на АПЦ, Метаморфозис го воведува концептот на дигитално раскажување приказни во Македонија.

Сподели: