На 26 ноември (среда) 2025 година, во Клубот на пратеници во Скопје се одржа Национален форум – Саем на граѓански организации: “Соработка на Владата и граѓанското општество”, во организација на “Цивика Мобилитас” и Владата на Република Северна Македонија. На форумот се обратија претседателот на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар, Игор Јанушев и дел од министрите во Владата, како и амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Кристоф Сомер.

Националниот форум овозможи дебати и презентации на постигнувањата на Цивика мобилитас грантистите преку изложбен дел, како и панел дискусии на разни теми од интерес како образование, здравство, дигитализација, животна средина, добро владеење, соработка меѓу Владата и граѓанското општество, локална самоуправа, итн.

Извор: Цивика мобилитас

Еден од централните сегменти беше панелот „Дигитализација“ кој го модерираше Мила Јосифовска Даниловска, програмска менаџерка во Фондација Метаморфозис. Во отворањето на панелот таа го нагласи значењето на одговорната дигитална трансформација како темел за подобри, побрзи и поефикасни јавни услуги, кои носат повеќе транспарентност, помалку корупција и реални придобивки за граѓаните. Дополнително, ја истакна клучната улога на граѓанските организации во унапредувањето на јавните политики, транспарентноста и медиумската писменост.

Извор: Министерство за дигитална трансформација
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, имаше свое обраќање на панелот каде што истакна дека дигитализацијата како стратешка трансформација не е само технолошки процес, туку суштинска промена во начинот на кој функционира државата и се обезбедуваат јавните услуги. „Во изминатата година и половина покажавме дека успешната дигитална транзиција е можна само преку блиска и отворена соработка помеѓу институциите и граѓанските организации.“
„Нашата цел е овој модел да го прошириме и продлабочиме. По тој повод планираме идните европски конзорциуми граѓанските организации да бидат рамноправни партнери. Само преку партнерски пристап, отворен дијалог и заеднички акции можеме да создадеме дигитални услуги што се квалитетни, инклузивни и безбедни за сите граѓани’’, соопшти Андоновски.
Зборувајќи за вештачката интелигенција, Андоновски рече: „Мојата интенција не е пререгулација на вештачката интелигенција, особено што сега во Македонија ја немаме за користење од формален аспект. Несомнено, потребна ни е флексибилна рамка за етичко развивање и безбедно користење на ВИ.“

Публиката постави низа прашања поврзани со регулирањето на употребата на вештачка интелигенција, дигиталното описменување на целото население, поддршката на медиумската слобода и одговорното известување, квалитетот и одржливоста на политиката за отворени податоци, јавни услуги и други процеси поврзани со дигитализацијата.

Панелот заврши со покана за продолжување на дискусијата на 21-то издание на конференцијата еОпштество.мк, што ќе се одржи на 10 декември во хотел „Холидеј ин“ на тема „Интегритетот во сржта на дигиталната трансформација“.

 

Извор: Цивика мобилитас

 

 

Сподели: