Со пригоден настан, на 29.8.2022 година беше одбележано завршувањето на шестгодишниот Проект за граѓанско учество, преку кој се вршеше поттикнување и унапредување на дијалогот меѓу граѓаните и власта.

Главната цел на Проектот за граѓанско учество беше да се зајакнат ГО и капацитетот на младите за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење и да придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Северна Македонија. Проектот беше посветен на родова еднаквост и заштита на правата на социјално исклучени групи во Македонија.

На настанот се обратија амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз; потпретседателот на Ист-Вест менаџмент институтот, Марк Дитрих и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

На настанот се обрати и извршниот директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Бардил Јашари, кој зборуваше за успесите на активностите што „Метаморфозис“ ги спроведе во рамките на проектот.

Во своето обраќање, тој особено го истакна Индексот на отвореност на локално и извршно ниво што се спроведува врз случаен примерок од 50 државни институции и органи во состав, односно врз сите 80 локални самоуправи плус Градот Скопје; мониторирањето на Стратегијата за транспарентост, поддршката кон државни институции и локални самоуправи во процесот на отворање податочни сетови; спроведените обуки, менторски процеси, хакатони и советувања, како и важноста на отворените податоци како алатка за подобрување на транспарентноста и отвореноста на власта.

Фондација „Метаморфозис“ имаше свој претставник и во вториот панел насловен како „Младинска вклученост и граѓански иницијативи“. Васка Цветаноска Панова зборуваше за успесите и достигнувањата на поддржаните иницијативи и ги посочи најуспешните акции спроведени од страна на граѓанските организации кои беа дел од грантовата програма на проектот.

Во рамките на двете компоненти на Проектот на УСАИД за граѓанско учество, Метаморфозис даде поддршка на 16 граѓански организации кои работеа во полето на поттикнување на граѓанско учество и активизам, транспарентност и отчетност на институциите.

Сподели: