Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Фондација Метаморфозис на 28-ми јануари 2026 година, во Центарот за иновации Инокс организираше јавна расправа за текстот на нацрт- Законот за отворени податоци и реупотреба на податоците од јавниот сектор. На јавната расправа присуствуваа министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, претставници на Фондација Метаморфозис, на министерството, на граѓански организации и здруженија, високите образовни институции, државни институции и приватни компании.
На јавната расправа беше презентиран текстот на нацрт – Законот, кој е усогласен со Европската Директива 2019/1024 и треба да ги утврди правилата и начините како да се стигне до отворените податоци, а на државните институции да им постави јасни протоколи како и кои податоци треба да ги објавуваат и да ги направат достапни за целата јавност.
Според Данче Даниловска – Бајдевска, програмска директорка на Фондацијата Метаморфозис, отворените податоци се горивото на иднината, а концептот се темели на принципот на отворен пристап и служење на јавното добро преку зајакнување на граѓаните, подобрување на бизнис околината и поттикнување на информиран општествен и економски развој.
„Во земјава овој системски концепт почна да се решава во 2011 година, во 2014 беше донесен Законот за употреба на податоци од јавниот сектор, а Метаморфозис во овој важен процес е вклучен од самите почетоци. Ние веќе ги доставивме и нашите коментари на текстот на нацрт – Законот“, рече Даниловска-Бајдевска.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски истакна дека законот е од голема важност бидејќи ќе треба да им помогне на институциите како да ги споделуваат податоците, но и да ги утврдат информациите кои се важни за невладинте организации и граѓаните и да бидат обврзани истите да ги споделат со јавноста.
Нацрт- Законот за отворени податоци и реупотреба на податоците од јавниот сектор во кој е транспонирана Директивата 2019/1024 на Европската Унија е шестиот закон што се услогласува во Поглавјето 10. 
Присутните говорници на јавната расправа посочија дека целта на законот е иновации и нови апликации, услуги, поголем квалитет на податоците и развој на економијата и конкурентноста и информатичкото општество. Опфатот на институции кои според законот треба да ги отворат своите податоци е широк, а ги вклучува и јавните претпријатија. Категориите податоци кои треба да се отворени ги вклучува геопросторните податоци, податоците од животна средина, метеоролошки, статистички и за транспорт.
Во рамките на процесот извршен е и редизајн на Порталот за отворени податоци дата.гов.мк, а во соработка со Македонски Телеком, Министерството разви чатбот кој користи вештачка интелигенција и кој ќе им помага на граѓаните и сите заинтересирани полесно да дојдат до податоците на порталот.
Присутните гости на јавната расправа ги споделија своите досегашни искуства со користењето на отворени податоци и ги дадоа своите забелешки во насока на подобрување на текстот на нацрт-Законот. Тие побараа институциите да имаат рокови за објавување на отворените податоци, да постои одговорност доколку дадат неточни податоци или доколку тие не се навремено ажурирани.
Сподели: