На 9 април 2025 година, Фондација Метаморфозис одржа еднодневна обука за подобрена сајбер-безбедност во организациите од граѓанскиот сектор. Десетина претставници на граѓански организации кои се активни во работата со ранливи групи на граѓани се запознаа со терминот дигитален отпечаток, зошто е важна антивирусната заштита, што е добра лозинка, како да се користи менаџер за лозинки и бројни практични совети за зголемување на сајбер безбедноста и практикување на сајбер хигиена.
Обуката е дел од проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“. Во рамките на проектот се планирани три обуки, како и поткасти и видеа за зголемување на јавната свест и разбирање за важноста на сајбер безбедноста. Целта на проектот е да ги акцентира прашањата за правилна и редовна сајбер хигиена и ефикасно справување со сајбер заканите (фишинг, социјално инжинерство, малициозни софтвери, онлајн дезинформации, кражба на лични податоци, итн.) и да се осигура дека овие теми го добиваат потребното внимание, ресурси и заеднички напори потребни за ефективни решенија.
Проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“ е поддржан со грант Национална интервенција на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ имплементиран од Centar za promociju civilnog company (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ, а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Сподели: