Во рамките на проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“, кој има за цел унапредување на стандардите за дигитални права во регионот на Западен Балкан и поддршка на неговата интеграција во единствениот дигитален пазар, на 24 април 2025 година, Фондацијата Метаморфозис организираше еднодневна обука на тема „Импликации од Законот за дигитални услуги на ЕУ на граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија“.

Обуката се одржа во просториите на Фондацијата Метаморфозис во Скопје и собра претставници на граѓански организации и медиуми. Настанот започна со регистрација и неформално вмрежување, по што следеше воведна сесија посветена на основите на Законот за дигитални услуги на ЕУ (Digital Service Act – DSA) и неговите главни принципи на транспарентност, одговорност и заштита на корисниците, како и неговото влијание врз слободата на изразување и дигиталните права.

Во продолжение на обуката, беа претставени клучните наоди од истражувањето за импликациите од Законот за дигитални услуги на ЕУ врз граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија, со посебен фокус на предизвиците и ризиците врзани со дигиталните платформи, доверливите пријавувачи и алгоритамското модерирање.

Во последниот дел од обуката, учесниците работеа во групи на формулирање предлози и приоритети за застапување во контекст на имплементацијата на Законот за дигитални услуги на ЕУ во Северна Македонија.

На самиот крај, обучувачките проф. д-р Елизабета Тошева и проф. д-р Ана Секуловска Ј. ги презентираа препораките од истражувањето и заедничките заклучоци и следните чекори.

Настанот имаше интерактивен карактер и овозможи плодна дискусија и размена на знаења, искуства и идеи за тоа како граѓанското општество и медиумите можат проактивно да се вклучат во процесот на усогласување со европските дигитални регулативи.

Истражувањето „Импликации од Законот за дигитални услуги на ЕУ на граѓанските организации и истражувачките новинари во Северна Македонија“, кои воедно го спроведоа обучувачките во рамките на проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“, е достапно на следниот линк.

Проектот „Интеграција на Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на ЕУ“ е финансиран од Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, а го спроведуваат Партнери Србија (Србија), Фондација Метаморфозис (Северна Македонија), Зошто не? (Босна и Херцеговина), НВО 35 mm (Црна Гора), Women in TechKosovo (Косово) и Институт за демократија и медијација (Албанија).

Сподели: