За прв пат во Албанија се одржа регионална конференција на мрежата за дезинформации во регионот на Западен Балкан, во организација на Фактоје, единствениот медиумски центар за проверка на факти во земјата. 6 партнерски организации ги презентираа наодите од извештајот во текот на една година соработка за да се идентификува главниот извор на дезинформации, употребените наративи, како и како тие се дистрибуирани во Западен Балкан, поттикнати од малициозни странски влијанија.

 

Јона Плумби

Конференцијата, која го означи крајот на регионалната недела на проверка на факти, обедини 6 организации, вклучително студиски центри и новинарски сервиси за проверка на факти, и тоа, Метаморфозис од Северна Македонија, фондот ISAC од Србија, ЦДТ од Црна Гора, С’бункер од Косово, „Зашто Не„ од Босна и Херцеговина и Фактоје од Албанија, кои соработуваат веќе една година во рамките на проектот поддржан од Министерството за надворешни работи на Холандија.

За време на активноста, партнерските организации ги презентираа наодите од секоја земја учесничка, за формата и начинот на ширење дезинформации во регионот. Во текот на една година, 6 партнерски организации работеа заедно и го идентификуваа главниот извор на дезинформации, употребените наративи, како и начинот како тие се дистрибуирани во Западен Балкан, поттикнати од малициозни странски влијанија.

Учесници во ова активност беа холандскиот амбасадор во Тирана, Реиноут Вос, шефот на политичкиот оддел на Делегацијата на Европската унија во Тирана, Алексис Хупин, претставници на 6 партнерски организации од регионот, како и претставници на медиумите, граѓанското општество и други медиумски организации во земјата.

Во својот поздравен говор, холандскиот амбасадор, Реиноут Вос, ја истакна важноста на слободата на медиумите и влошувањето што го претрпе во последните години, не само во Албанија и Европа, туку и во целиот свет.

„85% од светската популација доживува пад на слободата на медиумите во нивните земји. Ова, се разбира, важи и за Европа. За Албанија, платформата за безбедност на новинарите на Советот на Европа и оваа година покажа дека слободата на медиумите во земјата продолжува да се влошува иако тоа е еден од суштинските критериуми на европската интеграција. Ширењето на дезинформации, говорот на омраза, заканите преку Интернет, се многу тежок дел за справување во медиумската сфера и поради оваа причина ни требаат силни граѓански организации како Фактоје, да и помогнат на слободата на медиумите која е фундаментална за функционирањето на демократијата во која било земја” – изјави холандскиот амбасадор Реиноут Вос.

Шефот на политичкиот оддел на Делегацијата на Европската унија во Тирана, Алексис Хупин изнесе неколку примери на вести со непроверени информации кои не мора да се поттикнати од надворешни злонамерни влијанија, но кои покажуваат дека всушност секоја информација што се дистрибуира мора да биде проверена, пред да им се понуди на читателите како вест.

 

Мрежата за ширење на дезинформации во Западен Балкан

Зголемувањето на знаењето и создавањето на „големата слика“ за дезинформациите и мрежата преку која се дистрибуираат, беше една од главните цели на работата на 6-те организации. Ова има за цел зголемување на отпорноста на општествата во регионот против ширењето на дезинформации.

Собирањето, обработката и комбинацијата на податоци од 6 организации од Западен Балкан покажа дека главен извор на мрежата на дезинформации во регионот е Русија, која го шири својот наратив во Србија. Таа потоа служи како „дистрибутивна кутија“ за другите земји од Западен Балкан кои зборуваат на српски јазик.

 

Србија

Србија е најпроруската и најпрокинеската земја на Западен Балкан. Политичарите и групите на интерес во Србија јавно шират руска пропаганда, помагајќи им на медиумите да го шират наративот на Кремљ. Српските таблоиди се уште еден проблем бидејќи во секој момент се подготвени да шират проруска пропаганда, која потоа повторно ја објавуваат онлајн медиумите на другите земји во регионот кои зборуваат словенски јазици. Главните наративи кои најмногу преовладуваат во Србија се дека Русија се бори да се одбрани од обидите на Западот да го контролира светот или дека Западот е непријател на христијанството, на семејните вредности и на Словените. Српските таблоиди имаат и верзија за Северна Македонија каде ја шират истата проруска пропаганда.

 

Северна Македонија

Во Северна Македонија, наодите покажуваат дека медиумите се поларизирани, при што мнозинството ги застапува едностраните мислења на политичките партии што ги поддржуваат. Вестите на онлајн медиумите немаат авторство или се објавуваат без името на новинарот кој ја напишал статијата, што го олеснува ширењето на дезинформации. Најраспространетите наративи во Македонија се оние кои зборуваат за војната на Русија против нацизмот во Украина, за тоа како Западот е виновен за започнатата војна и дека Македонија не треба да донира оружје за Украина.

 

Косово

Повторените тензии предизвикаа на Косово да се гледа како на земја со потенцијал за дестабилизација поради лошите соседски односи со Србија. Косово стана предмет на изјави на високи руски функционери, како што е министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој изјави дека Косово регрутира луѓе за да ги испрати во војната во Украина. Косово доживеа зголемување на национализмот во политичките дискусии на лидерите кои потоа се шират во онлајн медиумите. Дел од нив се поврзани со политички партии и групи на интерес. Србија се покажа како најголемиот извор на дезинформации во Косово.

 

Босна и Херцеговина

Босна и Херцеговина е земјата која се наоѓа најблиску до Западот, и која има отворена владина верност кон Русија. Српските и хрватските медиуми имаат многу големо влијание во земјата, заедно со Турција, која има големо политичко упориште во земјата. Дезинформациите во Босна се шират главно од традиционалните јавни медиуми, големи приватни комерцијални медиуми и анонимни портали. Речиси половина од актерите кои шират дезинформации во Босна и Херцеговина се од Србија. Како главен извор на дезинформации се идентификувани 29 медиуми, од кои 14 се од Босна (главно од Република Српска) и 15 од Србија. Главните наративи вклучуваат постоење на биолошки лаборатории во Украина кои шират Ковид-19 или напорите на Украина да се здобие со нуклеарно оружје.

 

Црна Гора

Во Црна Гора, 70 отсто од населението го препознава проблемот со дезинформациите како проблем во земјата. Главниот извор на ширење на дезинформации таму се социјалните мрежи, маргинализираните портали и каналите контролирани од Русија. Главните наративи за кои се шират дезинформации се пандемијата Ковид-19, војната во Украина и односите меѓу Србија и Црна Гора.

 

Албанија

Во Албанија, дезинформациите најчесто се произведуваат од внатрешни извори, како што е пропагандата во земјата. Најмалку 600 онлајн медиуми работат во Албанија, огромното мнозинство со анонимни сопственици, кои, мотивирани од политички интереси, дистрибуираат масовни дезинформации. Онлајн порталите создаваат дезинформации со цел да собираат кликови и да поттикнат негодување кај читателите преку преувеличени наслови. Темите за кои најмногу се шират дезинформации во Албанија се руската агресија во Украина, тензиите создадени меѓу Косово и Србија, иницијативата Отворен Балкан и сајбер нападите од Иран.

Извршната директорка на Фактоје, Клодијана Капо, на крајот од презентацијата на наодите, истакна дека заедничката работа во овој проект ни помогна да разбереме дека регионот споделува некои заеднички проблеми во борбата против дезинформациите кои доаѓаат од Русија, Кина или Иран, и дека новинарството за проверка на факти е поважно од кога било во време кога технологијата и социјалните мрежи играат многу голема улога во дистрибуцијата на информации во светот.

Конференцијата на регионалната недела за проверка на факти во Западен Балкан дојде како синергија на два проекта, и тоа „Зајакнување на новинарството за проверка на факти во Албанија“ и „Центарот против дезинформации во Западен Балкан“, двата финансирани од Кралството Холандија.

————————————————————————————————————————–

*Овој напис е изготвен како дел од регионалната иницијатива Центар против дезинформации на Западен Балкан

Сподели: