На 7.4.2023 година, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, се одржа првиот состанок на работната група за изготвување на Стратегијата за транспарентност.

На состанокот беа поканети претставници од засегнати страни кои дејствуваат и можат да ја понудат својата експертиза во полето на транспарентноста и отвореноста. Покрај претставници од граѓанското општество, присуствуваа претставници на повеќе министерства и државни органи. Дел од работната група се и претставници на медиумски здруженија, стопанските комори и интеруниверзитетската конференција.

Фондација Метаморфозис во соработка со Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, активно учествува во процесот на подготовка на Стратегијата и обезбедува експертска и финансиска поддршка. Ангажираните експертки, Ирена Бојаџиевска и Наталија Шикова, ја презентираа методологијата за работа на работната група, по што следеше презентација на работниот план и дискусија.

Фондација Метаморфозис го следеше реализирањето на акцискиот план на претходната Стратегија за транспарентност со Акциски план (2019 – 2021) и изготви четири мониторинг извештаи што се доставени до членовите на работната група.

Новата Стратегија за транспарентност на Владата со акциски план (2023-2026) има за цел да ги продолжи заложбите од претходната Стратегија, но и да даде нови насоки и принципи за подобрување на транспарентноста на институциите. Една од поставените цели е системска промена во насока на доброто управување и одржливост на политиките.

Активностите се дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.

Сподели: