На 7 мај 2025 година, Фондацијата Метаморфозис организираше еднодневна обука за подобрување на сајбер безбедноста во организациите од граѓанскиот сектор. Обуката беше насочена кон граѓански организации кои активно работат со ранливи категории на граѓани и се соочуваат со зголемени ризици во дигиталниот простор.

Петнаесетина претставници на граѓански организации имаа можност да се запознаат со поимот дигитален отпечаток, важноста на антивирусната заштита, креирање и одржување на силни лозинки, користење на менаџери за лозинки, како и со практични совети за зајакнување на сајбер безбедноста и развивање на навики за редовна сајбер хигиена.

Оваа обука е дел од проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“, кој има за цел да ја зголеми свеста и отпорноста на граѓаните и организациите на сајбер закани, преку едукација, јавно информирање и практични ресурси. Проектот предвидува три вакви обуки, првата се одржа на 9 април, додека последната, трета обука, ќе се одржи на 4 јуни. Освен обуки, во рамките на проектот ќе се подготват и поткасти и видеа за унапредување на јавната свест и разбирање за значењето на сајбер безбедноста.

Целта на проектот е да се стави акцент на значењето на редовна сајбер хигиена и ефикасно справување со сајбер закани како што се фишинг, социјално инжинерство, малициозен софтвер, кражба на лични податоци и други. Преку заеднички напори, проектот тежнее да осигури дека овие теми добиваат соодветно внимание, ресурси и одговори на предизвиците што ги носи дигиталната ера.

Проектот „СајберШтит: Омоќени граѓани за сајбер отпорност“ е поддржан со грант Национална интервенција на регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“ имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Сподели: