На 30.10.2020, Фондација за интернет и општество Метаморфозис, со почеток од 11:00 часот, го одржа онлајн настанот Дијалози за Дигиталната агенда во рамки на проектот Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА. Настанот одеше со снимка во живо (Facebook live streaming) и истата може да се најде тука.
На настанот присуствуваа 77 претставници на граѓанскиот сектор, институциите, медиумите и граѓаните, и истиот се состоеше од кратко претставување на проектот и мрежата ИЦЕДА, на Дигиталната агенда за Западен Балкан и од претставување на истражувањето спроведено во рамки на Опсерваторија на Дигиталната агенда во Северна Македонија кое Фондација Метаморфозис го спроведе во рамки на проектот. Понатаму, настанот послужи и за развивање на дискусија за придобивките и предизвиците од спроведувањето на Дигиталната агенда во Северна Македонија во денешен контекст, од што произлегоа главни заклучоци кои засегнатите страни би требало да ги земат предвид при спроведување на своите понатамошни активности.

Воведни говори на настанот имаа Јетон Шаќири – министер за информатичко општество и администрација, Сања Фрковиќ-Гелевска, Програмски менаџер, Слобода на медиуми информатичко општество и култура, Делегација на ЕУ и Бардил Јашари – извршен директор на Фондација Метаморфозис.

„Ако нешто научивме од пандемијата, тоа е дека дигиталниот свет е навистина важен. За да се излезе од финансиската криза што е можно побрзо, треба да се финансира дигитализацијата. Ќе има значително влијание врз подобрувањето на состојбата. Сега видовме дека не инвестирањето во нив, може да чини многу. Наша цел во наредниот период е да обезбедиме системски подготвителни решенија за општа електронска комуникација во рамки на институциите и помеѓу институциите. До 2021 година да се овозможи најмалку 30 проценти од органите на државната управа да имаат електронски систем за автоматизација на административните постапки, а до 2024 година системот да биде во целата државна администрација. Да се ​​овозможи спроведување на договорот потпишан со Mastercard, за развој на иновативни дигитални сертификати за потврда на идентитетот. Да продолжиме со отворања на сервисен центар во сите градови на Северна Македонија, следејќи го примерот на Скопје“ – рече министерот Шаќири.

Извршниот директор на Фондацијата Метаморфозис, рече дека истражувањето што го спровеле покажало дека не сите слоеви на општеството или населението се свесни или ги чувствуваат придобивките од дигиталната технологија или дигиталната трансформација, не секој знае како да ги користи истите, или не секој има пристап до нив. А за тоа, тој процени дека се потребни неколку работи:

  • Градење на капацитетите на сите вклучени страни, во целосна смисла на зборот – сите, значи ако е можно целото население;
  • Подигање на јавната свест за придобивките, но и ризиците од користењето на дигиталните технологии;
  • Борба против технофобијата што понекогаш може да е зајакната со разни дезинформации, како што беше случај неодамна со дезинформациите за 5G технологијата;
  • Вклучување на сите засегнати страни во поставувањето приоритети и потреби на граѓаните за избор, развој и употреба на дигиталните услуги;
  • Безбедност на услугите и приватност, да бидат суштински дел во развојот на секоја услуга, бидејќи тоа драстично влијае на нивната употреба;
  • Соодветна институционална законска рамка што ќе овозможи непречено користење на дигиталните услуги.

Претставничката на делегацијата на ЕУ во Скопје, Сања Фрковиќ – Гелевска, рече дека Европа се обидува да овозможи конкурентна економија преку дигитализација, притоа почитувајќи ги правата на корисниците.

Европската Унија се стреми технологијата да ја направи вистинската разлика на своите граѓани на дневна основа, да овозможи силна и конкурентна економија што ќе се усовршува на начин што ќе ги почитува европските вредности. Преку ова, да се обезбеди дигитална економија што ќе има глобална конкуренција, а потрошувачите ќе имаат доверба дека нивните права ќе бидат безбедни“- рече Фрковиќ, објаснувајќи дека според Договорот за стабилизација и асоцијација, Северна Македонија е должна да ги развива и усогласува своите политики и законската рамка во областа на електронските комуникации и информатичкото општество со онаа на ЕУ.


“Само со јасен и разбирлив пристап кон сите граѓани, без исклучок, може да има одржлива дигитализација во сите сфери како ефективен механизам за значително подобрување на животниот стил на населението. Кога зборуваме за дигитализација во сите сфери, се повикуваме на унапредување и поголема ефикасност на институциите, организациите и другите субјекти. Бидејќи сме сведоци на пандемијата, можеме да забележиме дека овој чекор е повеќе од потребен за подобро функционирање на нашето општество и можеме да увидиме како оваа несреќна околност на некој начин го забрза ширењето на знаењето за придобивките од дигитализацијата. Сепак, мора да бидеме свесни дека брзата дигитализација сама по себе донесе и многу предизвици – пристап до дигитални уреди имаат и оние кои не се научени како правилно да ги користат, поради што се соочуваме со говор на омраза, лажни вести и дезинформации, малтретирање на интернет, компјутерски криминал итн.” – изјави Мила Јосифовска Даниловска – менаџер на програмата Општествена отчетност и човекови права онлајн во Фондација Метаморфозис, и ја покани Елена Манчева – Министерство за информатичко општество и администрација ја претстави Дигиталната агенда за Западен Балкан.

Претставувањето на Манчева беше проследено со претставувањето на проектот и мрежата ИЦЕДА, заедно со Извештајот за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија, кој Фондација Метаморфозис го изготви како дел од проектот. Извештајот е дел од Опсерваторија на Дигиталната агенда што претстатвува алатка со посебна методологија преку која за време на проектот ќе се следи спроведувањето на Дигиталната агенда на Западен Балкан во Албанија, Косово, Србија, Северна Македонија и Црна Гора. Целта на овогодинешниот извештај е да се обезбеди појдовна точка за понатамошно мерење на напредокот во овие области во однос на Дигиталната агенда и да се обезбедат дополнителни препораки за подобрување. Темите опфатени со Извештајот се тесно поврзани со поглавјата релевантни за Дигиталната агенда, особено Поглавје 10 – Информатичко општество и медиуми од законодавството на ЕУ, со цел заживување на прашањата за Дигиталната агенда на Западен Балкан на агендата на ЕУ.

  • Помеѓу клучните наоди од Извештајот беше општиот заклучок дека има значително малку познавање за Дигиталната агенда и нејзиното спроведување во Северна Македонија кај клучните засегнати страни, вклучително и институциите како главната страна за нејзино спроведување. На тоа медиумите кои учествуваа во истражувањето тврдат дека спорадично добиваат делумни информации за оваа тема, додека пак некои дури тврдат дека не добиле покана за настан поврзан со темата. Овој наод нè води до заклучокот дека можеби токму тоа е причината за слабото познавање на концептот на Дигиталната агенда и причината поради која засегнатите страни не можат да ги поврзат тековните активности со истата, бидејќи самите не се запознаени со главните столбови од оваа иницијатива.
  • Кога станува збор за е-услугите, испитаниците претставници на институциите сметаат дека во бизнис секторот сепак има поголема запознаеност со е-услугите за разлика од граѓаните. Околу 76,3% од граѓанските организации исто така сметаат дека граѓаните не се доволно свесни за можноста за користење јавни е-услуги, при што само 10,5% од испитаниците размислуваат поинаку. Тие сметаат дека промовирањето на е-услугите преку социјалните медиуми и преку ТВ реклами, иако ефикасно до одреден степен, сепак не е доволно и дека е потребна e поширока промоција на сите аспекти на дигитализацијата.
  • Според Извештајот, 90% од испитаниците претставници на институциите сметаат дека Владата посветува неопходно внимание на развојот на Дигиталната агенда/е-влада. Оние кои не се согласуваат со ова тврдење укажаа дека има потреба од кампањи за подигнување на јавната свест, отворање граѓански центри и создавање пунктови за издавање документи, како и механизми за приближување на услугите до граѓаните. Во рамки на ова тврдење, 75% од испитаниците медиуми го оценуваат напредокот на Владата во развивање на е-влада како „Задоволителен“, додека преостанатите 25% го оценуваат како „Лош”, на скала од 5 можни одговори каде што „Многу добар“ е највисокиот степен и „Многу лош“ е најнискиот степен.
  • Истражувањето исто така покажа дека постои простор за воспоставување на соработка помеѓу граѓанските организации и државните институции за поголеми подобрувања во областите „Дигитална економија и општество“ и „Истражување и иновации“ како области на кои најмалку работат државните институции и области за кои граѓанските организации се најзаинтересирани.
  • За Националниот портал за е-услуги, според информациите добиени од граѓанскиот сектор, има потреба е-услугите да бидат целосно достапни преку порталот и првенствено да се дигитализираат животните услуги кои на граѓаните им се најпотребни во текот на животот, барем до степен до кој услугата може да се дигитализира. Покрај тоа што интервјуираните граѓански организации ја препознаваат лесната употреба на порталот, тие признаваат дека порталот е лесен за употреба за одредена целна група, претежно помлада популација до некој степен и оние лица со подобри дигитални вештини. Поради тоа што сметаат дека населението е скептично кога станува збор за употреба на е-услуги, забележуваат дека има голема потреба од работење на колективната свест кај сите засегнати страни, имајќи предвид дека е потребно многу време и напори за таква промена, но дека е од суштинско значење граѓаните да се мотивираат да користат е-услугите. Тие понатаму забележуваат потреба од индивидуализиран пристап за информирање и едукација на различни групи на граѓани, ставајќи акцент на промовирање на придобивките од е-услугите за нив.
  • Од аспект на заштита на личните податоци, испитаниците претставници на институциите забележуваат дека дел од институциите немаат постоечка инфраструктура што може да го покрие овој дел. Понатаму, нивната општа перцепција е дека освен постоењето на нормативната рамка, набавката на дигитални ресурси треба да биде порационална бидејќи сметаат дека во одредени случаи, набавената стока или инфраструктурата е дуплирана и недостасува обучен ИТ персонал за да ги стави во употреба.
  • Кога станува збор за ставот на медиумите и граѓанскиоте организации за сајбер безбедноста, генералното мислење е дека граѓаните не се загрижени за нивната сајбер безбедност затоа што не се информирани за тоа и малкумина го разбираат концептот, а истото го потенцираат и за дел од институциите. Граѓанските организации не се сигурни во капацитетите на нашите институции да се справат со сајбер-напад, посочувајќи неколку примери на хакирани системи на институции во минатото и сметаат, а истото мислење го делат и дел од институциите, дека има потребата за интерактивни обуки и за граѓанскиот сектор и граѓаните на оваа тема. Истражувањето понатаму покажува дека и институциите и граѓаните се согласни дека за подобрување на квалитетот на е-услугите во дизајнот треба да биде вклучена безбедноста, односно, безбедноста да биде вклучена во процесот на креирање на одредена услуга, со цел услугата да е ефикасна.
  • Во врска со заштитата на граѓаните, медиумите и граѓанските организации како проблем ги перципираат телекомуникациските услуги што се обезбедуваат во земјата, при што постојат бројни поплаки за нивните услуги кои не се во согласност со договорите што ги потпишуваат граѓаните. Тие гледаат силна потреба за ревизија на договорите и услугите што ги обезбедуват понудувачите на услуги, како и поставување одредени ограничувања за да се заштитат крајните корисници.
  • 80% испитаниците од институциите сметаат дека граѓанските организации треба да бидат вклучени во развојот на решенија за е-влада/е-услуги, затоа што веруваат дека можат да придонесат со својата стручност и искуство. Според Извештајот, иако постои регулатива за нивно учество во креирање на политики, и признавајќи дека е дискутабилно колку граѓанските организации и институциите ја користат оваа можност, дел од граѓанските организации сметаат дека постои “маргинализирана употреба на капацитетите на ГО” и дека консултациите за веќе креирано законодавство не се доволни, бидејќи нивната стручност и искуство може да придонесат многу повеќе во процесот на креирање на законодавството. Освен што го препознаваат потенцијалот и тоа дека се направени одредени чекори за подобрување, граѓанскиоте организации се вознемирени од фактот дека не постои постојана процедура за нивно учество затоа што во многу случаи, иако има институции кои отвораат повици за учество во одредено креирање на политики, ретко кој ќе ги насочи и ќе ги доведе до вистинското место за да ја искажат својата подготвеност за учество. Сепак, некои граѓански организации се горди на фактот дека имаат голема соработка со институциите и дека многу од нивните дела се користат како политики на институциите или тие самите воделе одредени процеси во креирање политики.

Согласно со наодите од Извештајот беше претставен и патоказот, односно листа на 18 препораки за подобрување во приоритетните области што заеднички даваат патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија кои се достапни во Извештајот.

По претставување на Извештајот беше отворен просторот за дискусија за придобивките и предизвиците од спроведувањето на Дигиталната агенда во Северна Македонија во денешен контекст, во која учествуваа Ќендреса Сулејмани – Програмски директор во Фондација Метаморфозис, Проф. Владимир Петковски – Економски институт – Скопје, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” и Елена Манчева – Министерство за информатичко општество и администрација. Заклучоците од дискусијата се поклопуваа со заклучоците и препораките од Извештајот, имено дека има потреба од системски пристап за решавање на предизвиците поврзани со дигитализацијата, и тоа преку градење на капацитети на целокупното население (воведување на крос-курикуларни предмети во формалното образование, држење на обуки за дигитални вештини), подигање на колективната свест за дигитализацијата и фокусирање на квалитетот на испорачаните е-услуги.

Во продолжение се наоѓаат корисни материјали од проектот обработувани за време на настанот.

Визуелизациите од Извештај за тековната состојба и патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во Северна Македонија се достапни тука.

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

Сподели: