На 22.01.2021 (петок) со почеток во 10:00 часот, во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во дигиталната агенда – ИЦЕДА“, Фондација Метаморфозис во партнерство со Левизја МЈАФТ (Албанија), Отворени податоци Косово (Косово), НВО 35 ММ (Црна Гора) и ЦРТА – Центар за истражување, транспарентност и отчетност (Србија), одржа регионален онлајн настан „Регионални дијалози за Дигиталната агенда“. Настанот одеше со снимка во живо (Facebook live streaming) и истата може да се најде тука. На настанот присуствуваа 175 претставници на граѓанскиот сектор, институциите, медиумите и граѓаните од Западен Балкан, и истиот се состоеше од кратка презентација на регионалното истражување „Опсерваторија за Дигиталната агенда: Истражување на основната состојба за развој на е-влада и дигиталната писменост во целните земји од Западен Балкан 2020 година“, по што следеше дискусија за подобрување на состојбата на развој на е-владата и дигиталната писменост во целните земји од Западен Балкан.

Воведно обраќање имаше Бардил Јашари – извршен директор на Фондација Метаморфозис, кој нагласи дека дигиталната трансформација и Интернетот придонесуваат кон економскиот развој и иновациите на глобално, регионално и локално ниво, но дека во реалноста, а тоа е потврдено и со истражувањето на ИЦЕДА, дека не сите граѓани од сите сфери на општеството се свесни или ги чувствуваат придобивките од дигиталната трансформација, која како краен резултат би требало да обезбеди подобрување на нивниот животен стил.

Воведното обраќање беше проследено од кратка презентација на регионалното истражување „Опсерваторија за Дигиталната агенда: Истражување на основната состојба за развој на е-влада и дигиталната писменост во целните земји од Западен Балкан 2020 година“, од страна на Миша Бојовиќ – виш истражувач во ЦРТА. Истражувањето е дел од Опсерваторија на Дигиталната агенда што претстатвува алатка со посебна методологија преку која за време на проектот ќе се следи спроведувањето на Дигиталната агенда на Западен Балкан во Албанија, Косово, Србија, Северна Македонија и Црна Гора. Целта на истражувањето е да се обезбеди регионална перстпектива и појдовна точка за понатамошно мерење на напредокот во овие области во однос на Дигиталната агенда, како и да се обезбедат дополнителни препораки за подобрување.

„Дигитализацијата не зазема голем дел од административните промени. Владите треба да воспостават портали кои ќе нудат е-услуги на едно место. Најефиксана имплементација на е-услуги има за бизнис секторот, но потребно е уште повеќе. Исто така нема завршница на некои од нив, бидејќи во еден момент граѓанинот се препраќа на шалтер, односно на традиционален начин на прибирање на податоци,“ рече Бојовиќ.

На кратко, клучните наоди од истражувањето се наведени во продолжение:

  • Напорите за обезбедување на широкопојасен интернет до сите граѓани на регионот на Западен Балкан се препознаваат, меѓутоа, земјите треба да бидат повнимателни во ажурирањето на нивните стратешки и регулаторни документи. Земјите доцнат со усогласување на правните акти, а уште повеќе доцнат со спроведувањето на иновациите. Имајќи ја предвид природата на процесот на дигитализација, тој треба да ги следи барањата на пазарот, во спротивно би останал застарен и прескап.
  • Понатаму, овие напори треба да бидат надополнети со амбициозна кампања за подигнување на свеста на граѓаните за придобивките од дигитализацијата. Бидејќи, сите земји во моментот доживуваат политичка нестабилност и се соочуваат со избори оваа година, придружени со пандемиска криза, се појавува стравот од забавување на напредокот во заложбата за спроведување на Дигиталната агенда. Доколку новите влади одлучат ова да не го стават на списокот на приоритети, прекинувањето на процесот значително ќе влијае на неговите резултати.
  • Дигитализацијата на услугите во регионот на Западен Балкан е претежно водена од финансиски аспект, а повеќето обезбедени електронски услуги (е-услуги) се наменети за деловниот сектор. Владите треба да се поттикнат за тие да ги дефинираат своите критериуми за воведување услуги за е-влада засновани на потребите на граѓаните. Паралелно со ова, треба да се вложат повеќе напори во едукација на граѓаните чија дигитална писменост во моментов е мала, за да се овозможи разбирање на придобивките од дигитализацијата.
  • Дигитализацијата е составен дел од реформата на јавната администрација. Тоа директно влијае на ефикасноста на администрацијата и заштедите на буџетот. Најголемиот потфат за сите земји е интероперабилноста на сите бази на податоци што ги имаат различните владини институции. Откако ќе заврши овој процес, граѓаните ќе можат да добијат каква било административна услуга со едноставно започнување на онлајн постапка, додека остатокот од процесот е автоматизиран. Досега, владите нудат делумни решенија, со поголем или помал успех, додека пак некои делови од постапката се потпираат на традиционалната јавна администрација.
  • Отпорот на дигитализацијата во еден дел доаѓа од воспоставувањето на јавни службеници. Реформата подразбира промена на нивната долгорочна рутина, потреба за образование, промена на процедури, прилагодување кон новите технологии и сл. Постои генерациски јаз во навикнувањето на е-технологии и она што е неизбежно нормално и лесно за помладите генерации останува тешко за оние кои се запознале со технологијата во поодминати години.
  • Имајќи предвид дека сите земји од Западен Балкан се стремат кон членство во Европската Унија и сè уште треба да се усогласат со стандардите на ЕУ во однос на демократијата и владеењето на правото, Дигиталната агенда останува еден од сегментите на кои треба да се работи.

Согласно со наодите од истражувањето беше претставен и патоказот, односно листа на 18 препораки за подобрување во приоритетните области што заеднички даваат патоказ за унапредување на Дигиталната агенда во регионот кои се достапни во истражувањето.

По претставување на истражувањето беше отворен просторот за дискусија за подобрување на состојбата на развој на е-владата и дигиталната писменост во целните земји од Западен Балкан, во која учествуваа претставници од институции и граѓански организации од Западен Балкан. Меѓу претставниците на институциите излагање имаа Ромина Костани – директорка на Директоратот за иновации и ИПА е-влада (Албанија), Фјола Рестелица – проект КОДЕ во Министерство за економија и животна средина (Косово), Бојана Бајиќ – генерална директорка на одделот за дигитализација и информациски системи во Министерството за финансии (Црна Гора), Солза Ковачевска – државен советник во Министерство за информатичко општество и администрација (Северна Македонија) и Жарко Дакиќ – советник за ИТ, член на Советот на Град Панчево (Србија). Граѓанските организации кои учествуваа во дискусијата се членови на мрежата ИЦЕДА, односно Алдо Меркочи – проектен координатор во Levizja MJAFT (Албанија), Блерина Рамај – проектен координатор во Отворени податоци Косово (Косово), Снежана Никичевиќ – проектен координатор во НВО 35 MM (Црна Гора) и Филип Миленковиќ – проектен координатор во ЦРТА (Србија).

Заклучоците од дискусијата во голема мера се поклопуваа со заклучоците и препораките од регионалното истражување. Имено, целта на дигитализацијата е да ги поедностави процесите и да го подобри животот на граѓаните, a ковид-19 пандемијата уште повеќе ја потенцираше важноста и потребата од дигатилизација на институционалните услуги, нивното поедноставување, како и описменување на граѓаните за онлајн користење на тие услуги, наместо традиционално чекање на шалтери. Секако, мора да бидеме свесни дека кога се воведуваат иновации и дигитални решенија, треба да се има на ум дека е потребно обезбедување на одржливост и сигурност на истите, како и нивно решавање преку системски пристап. Понатаму, потребно е институциите од регионот да ги постават на едно место сите е-услуги и истите да ги направат целосно дигитални, од моментот на аплицирање до моментот на добивање на услугата. Подигање на колективната свест за придобивките од дигитализацијата на целото население беше исто така еден од општите заклучоци, кое претстои како предизвик за наредниот период.

Во продолжение може да го прочитате истражувањето на македонски, албански и англиски јазик.

 

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ го спроведува Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академија за е-владееење (Естонија), Levizja Mjaft! (Албанија), ЦРТА- Центар на истражување, транспарентност и отчетност (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и ODK – Oтворени податоци Косово (Косово). Проектот се спроведува со финансиска поддршка од Европската Унија.

 

Сподели: